Сега Мицкоски се „лади“ на Ахмети
„Програма со програма“ наместо „победник со победник“. Таков принцип на коалицирање најави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во емисијата „360 степени“ на Алсат зборувајќи за можните сојузништва со партии од албанскиот политички камп по следните парламентарни избори, доколку резултатите остават простор за смена на власта.
ВМРО-ДПМНЕ ќе коалицира со партија чија програма ѝ е блиска, најави Мицкоски посочувајќи дека би го преферирал принципот „програма со програма“, наспроти практиката што во 2008 година, на инсистирање на ДУИ, ја воспоставија Никола Груевски и Али Ахмети. Но откако Ахмети на последните избори во 2016 година се откажа од овој принцип што, пак, ВМРО-ДПМНЕ грчевито го бранеше за да се одржи на власт, плашејќи ги граѓаните со т.н. тиранска платформа, сега и Мицкоски смета дека коалицирањето меѓу партии со слични политички понуди е „иднината на политичката сцена“.
„Или имаме заедничка програма и таа програма ќе ја реализираме или ќе немаме практично никаков бенефит за нашите гласачи ако победникот со победникот не можат да се договорат за програмските начела. Тогаш нема да може да се реализираат ветувањата“, изјави Мицкоски.
Тој рече дека, независно како се вика партијата – Алијанса за Албанците, ДУИ, Беса, ДПА… низ преговори треба да се формира програмата на коалицијата, а ако нема договор да се бара друг партнер. Тој, сепак, изрази убеденост дека ВМРО-ДПМНЕ на следните, како што рече, предвремени парламентарни избори, ќе има победа со најмалку 61 пратеник. Во тој дел актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, на некој начин, ја пресликува тактиката на неговиот претходник Груевски. Тој, исто така, во 2008 година излезе на изборниот мегдан со барање до гласачите да му обезбедат 61 пратеничко место, за да не бил уценуван при формирањето на новата влада. Тогаш „желбата“ му беше исполнета, но и покрај тоа склучи политички брак со ДУИ – нешто за што две години претходно тврдеше дека е невозможно.
ДУИ се откажа од принципот на коалицирање „победник со победник“, по последните парламентарни избори, кога влезе во преговори со СДСМ за формирање влада, иако ВМРО-ДПМНЕ освои два пратенички мандати повеќе од СДСМ. Тогаш соодносот меѓу двете најголеми партии беше 51 спрема 49 во корист на сегашната опозиција, за разлика од моменталниот распоред на сили во парламентот, каде што ВМРО-ДПМНЕ е застапена со 39 пратеници. Сепак, Мицкоски е оптимист дека на следните избори ВМРО-ДПМНЕ ќе има резултат кој ќе му овозможи сам да формира влада. Иако тој во емисијата направи своевидна дистинкција од претходните политики на ВМРО-ДПМНЕ, велејќи дека влада формира оној што ќе обезбеди 61 пратеник во Собранието, а не оној што можеби победил на изборите.
Во 2008 година Груевски го воспостави и принципот на предвремени парламентарни избори, преку кој сè до 2016 година го одржуваше и сојузништвото со ДУИ. Во тој контекст, Мицкоски, практично, смета дека треба да продолжи праксата со вонредни парламентарни избори, наспроти владејачките СДСМ и ДУИ, кои се за тоа изборите за пратеници да се вратат во „колосек“, односно, овој пат, првпат по една деценија, да се одржат во редовен термин, што би значело наесен следната година.
Гостувајќи на Алсат, Мицкоски оцени дека е нормално опозицијата да бара предвремени парламентарни избори кога смета дека Владата работи погрешно и дека работите во државата не одат добро, така што, според него, постои огромно незадоволство кај граѓаните.
„Ние сме силно уверени дека предноста на ВМРО-ДПМНЕ при евентуални предвремени избори би била најмалку 100 илјади гласа. Но има еден начин да видиме дали сме ние во право или е Заев во право. Тоа е да организираме предвремени парламентарни избори“, рече Мицкоски.
По претседателските избори во мај годинава, мошне ретко се објавуваат во јавноста анкети за рејтингот на партиите. Една од ретките анкети, која се појави пред неколку седмици, е таа на „Тим институт“, во која беше посочено дека е спроведена за потребите на СДСМ. И покрај евидентното топење на разликата меѓу владејачките партии и опозицијата, оваа анкета покажа дека СДСМ сè уште има предност од околу 3,5 процентни поени пред ВМРО-ДПМНЕ, а дека ДУИ и натаму ужива најголема доверба кај гласачите Албанци, и покрај сè поевидентното топење на рејтингот.
Пред два месеца, Мицкоски имаше средба со Билал Касами, лидерот на опозициската Беса. Првите резултати од таа средба беа регистрирани во собраниската Комисија за избори и именувања, каде што ВМРО-ДПМНЕ практично обезбеди превласт над собраниското мнозинство со глас на пратеник од Беса. (А.М.М.)