Седумте величествени: Кои се компаниите кои вредат вкупно 7,7 билиони долари


Технолошките гиганти доминираат на американскиот пазар на капитал. „Епл“ сега вреди повеќе од 2 илјади милијарди долари. Компаниите во групата „Фаб 5“ – „Епл“, „Амазон“, „Мајкрософт“, „Алфабет“ („Гугл“) и „Фејсбук“ – вкупно вредат на пазарот повеќе од 7 илјади милијарди долари, објави „Си-ен-ен“.

Ако на овој список се додадат „Тесла“ и „Нетфликс“, „Седумте величествени“ кои припаѓаат на индексот „Насдак“ заедно вредат 7,7 билиони долари (односно 7,7 илјади милијарди зелени банкноти).

Колкава е таа вредност може да се види ако се спореди со индексот „Расел 2000“. Компаниите во тој индекс, во кој се вклучени речиси 2.000 помали американски трговски друштва, имаат вкупна пазарна вредност од околу 1,9 билиони долари, според податоците на „Рефинитив“.

Акциите на „Епл“ и на „Тесла“ се на рекордно ниво, додека на другите пет компании се исто така блиску до рекордот. Сите седум лидери на Насдак годинава напредуваат и покрај забавувањето на глобалната економија поради пандемијата.

„Епл“ создаде голема побарувачка за услуги и апликации поврзани со својот „ајфон“ (iPhone).

„Мајкрософт“, „Амазон“ и „Алфабет“ доминираат во облак-технологијата за компјутерите и голем број други индустрии, како што се игри, е-трговија и пребарување.

„Фејсбук“ е сè уште лидер во социјалните медиуми. „Тесла“ е крал на индустријата за електрични автомобили. И, „Нетфликс“ останува на врвот кога станува збор за стриминг.