Седумгодишното девојче кое почина во Тетово претходно се лечело во приватна болница

Седумгодишното девојче кое почина во Клиничката болница во Тетово, претходно еден ден било третирано во приватна здравствена установа. Ова вечерва го истакна министерот за здравство Азиу Алиу.
-Ние баравме од Државниот санитарен инспекторат да оди таму, и веќе имаме резултати оттаму, наодот ни е доставен официјално. Утре ќе имаме наша експертска група што ќе ги види од клиничка гледна точка ќе го анализира целиот процес, рече Алиу во вечерашната Топ Тема на ТВ Телма.
Алиу појасни дека според патоказот за лекување, седумгодишното девојче се лекувало во рамките на прописите, но сепак се потребни уште проверки. Посочи дека дополнително се уште се чекаат резултатите и од обдукцијата.
-Според тоа што го читав остава простор за понатамошно следење на процесот. Се уште е рано да се излезе со детали за случајот без притоа, клинички со наша група на експерти да се анализира уште еднаш, додаде Алиу.