Седум медали за каратистите на Макпетрол на турнирот „Кроација опен“

Македонските карате репрезентативци и членови на клубот Макпетрол освоија седум медали (пет сребрени и два бронзени) на турнирот „Кроација опен“ одржан викендот во Риека.

Натпреварите беа поделени во возрасни категории на сениори, јуниори и постари јуниори.

Со сребрени медали се закитија: Петар Спасеновски опен категорија сениори; Роберто Ацковски -67 кг; Ангела Мојсовска сениори -68 кг; Стефан Стојановиќ јуниор -76 кг. и категорија У21, додека бронза освои Петар Заборски опен категорија сениор.

Во помладите возрасни категории европскиот првак Стефан Стојановиќ го освои сребрениот медал во категоријата над 84 килограми во У-21, додека пак Глигор Петков (-84кг, Макпетрол) се закити со бронзата во истата конкуренција.

Тренерот Бошко Заборски е задоволен од постигнатите резултати на неговите избраници.

– Како клуб со нашите репрезентативци освоивме вкупно седум медали и поради тоа сме многу задоволни, имавме дури пет финалиња со по четири последователно добиени борби од страна на нашите спортисти. Сениорските репрезентативци: Петар Заборски, Петар Спасеновски и Ангела Мојсовска покажаа добра форма и голема борбеност. Сакам да истакнам и тоа дека нашиот актуелен европски јуниорски првак, на овој турнир направи вкупно 10 борби. Учествуваше во две финалиња и кај јуниорите, но ние го при(јавивме и во (У21) постари јуниори бидејќи тој во февруари полни 18 години. Стефан Стојановиќ го потврди својот голем квалитет и освои две сребрени медали на овој силен турнир, истакна Заборски.