Седмооделенката Лара Станчева наградена на Меѓународен литературен натпревар во Јапонија


Седмоодделенката Лара Станчева од ООУ „Лазо Трповски“ од Скопје, го освои третото место на Меѓународниот литературен натпревар за млади 2021 кој традиционално се одржува во јапонскиот главен град Токио.

Како што информираат од училиштето „Лазо Трповски“, наградата е освоена во силна конкуренција на 28 217 учесници од 161 земја.

Со прозни лични творби напишани во форма на есеи на тема „Смислата на животот“ училиштето на овој реноимиран меѓународен натпревар го претставуваа три ученички, координирани од предметниот наставник по германски јазик, Стефан Симовски.

Натпреварот е во организација на УНЕСКО и фондацијата ГОИ од Токио и се одржува во рамки на одбележувањето на „Деценијата на Обединетите нации за одржлив развој на образованието“. Овој глобален проект се реализира од 2020 до 2030 година и во него активно се вклучени сите земји-членки на УНЕСКО.

Покровител на натпреварот е министерот за образование, култура, спорт, наука и технологија на Јапонија.

Наградата на Лара Станчева и на менторот Стефан Симовски ќе им бидат врачени на пригодна свеченост во декември, годинава од страна на амбасадорот на кралството Јапонија во земјава, Савада Хиронори.