Седмоодделенка избоде двајца соученици во Чешка
Ученичка, која го повторува одделението, од основно училиште во градот Домажлице на југот на Чешка денеска со нож нападнала и ранила двајца ученици во нејзиното училиште, а полицијата брзо интервенирала и го привела осомничениот.
Според информациите, нападнатите момче и девојче се надвор од животна опасност, пренесува порталот Novinki.cz.
„Таа избоде девојка и момче со нож, секој по еднаш. За среќа, повредите не се премногу сериозни“, изјавил анонимен упатен извор за чешкиот портал.
Изворите наведуваат дека нападот се случил утринава пред почетокот на наставата кога осомничената тинејџерка која има 13 години, неочекувано влетала во одделението со нож, при што момчето го прободела во стомакот, а девојката во грбот.
Станува збор за деца со кои осомниченото девојче претходно одело во седмо одделение во основно училиште.
Осомничената поради слабите резултати била принудена да го повтори седмото одделение, додава еден од основците во Домажлице. Засега не е јасно кој бил мотивот за овој напад.
„Причината може да биде ментална болест, влијанието на семејството и социјалните мрежи, можам да замислам и дека е шизофренија“, изјавила заменик директорката на Психијатриската болница во Добржани, Каролина Мала, пренесува Idnes.cz.