Се зголемуваат платите на научните работници од седум институти
За 25 отсто ќе се зголемат платите на научните работници од седум институти во земјава, а за тамошните вработени надминат е проблемот со процентот за минат труд и тие исто така имаа зголемување на платите од по пет отсто. Вкупното зголемување на вработените во овие научни институти чиј број изнесува околу 250, е нешто над 40 отсто.
– Ја исправивме прво неправдата на минатиот труд тоа се 10-12 отсто што тие ги губеа. Тоа е нивно право, ако не на суд ќе добијат и ќе треба државата со извршителски трошоци нив да ги плати. Нив ги исправивме, тие пет па пет отсто, овие 12 и на севкупните плати имаме 25 отсто покачување, изјави денеска премиерот Зоран Заев, кој се обрати на отворањето на меѓународниот семинар за меѓународната конференција „Другиот во балканската култура“ во Институтот за духовно и културно наследство на Албанците во Скопје.
Платите на научните работници сега, како што додаде, се нешто поголеми од оние во регионот.
Премиерот Заев одговарајќи на новинарско прашање во врска со најавениот штрајк во образованието на СОНК, рече дека е лесно да се организира штрајк, но оти верува дека ќе се изнајде решение. Ќе направиме се, додаде тој, да постигнеме договор со СОНК.
-Ние како Влада за 2,5 години веќе два пати ги зголемивме платите. Во 2018 пет отсто, 2019 за пет отсто, кумулативно ако пресметувате доаѓа некаде околу 11 отсто. Понудивме некои решенија од мартовската плата која ќе се исплати за април и тоа е сериозно решение. Сите сакаме тоа до 100, 200 отсто да го зголемиме, но капацитетите мора да бидат разбирливи за сите во државата. Јас апелирам да разговарам да ги гледаме сите детали, рече Заев.
Во државата, додаде премиерот има пари кога не се трошат на непродуктивни работи, посочувајќи дека во Владата се работи на новиот Буџет за следната година.