Сѐ уште нема договор со Бугарија за на тунелот на Деве Баир
Сѐ уште нема договор, кога би имало би го објавиле, рече денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николовски, одговорајќи на новинарско прашање во врска со заедничката изградба на тунелот на железничката пруга од Коридорот 8 од македонска и бугарска страна.
Како што изјави Николовски, точно е дека се водат интензивни разговори и прашање на време е на недели, а не на месеци, кога ќе се излезе со позитивни вести ако постои добра волја од страната на Бугарија.
„Идејата е да постигнеме договор со кој Скопје и Софија ќе се поврзат, а не да не се поврзат како што е сега. Договорот треба да содржи три сегменти, првиот е изградба на заеднички тунел што треба да ги поврзува двете држави. За жал, во претходниот проект тунелот завршуваше буквално на пола, на слепа улица или слепа пруга, вториот дел е јасна обврска да преземе Софија да го изгради делот од границата со Македонија до Ѓуешево, како и да го реконструира делот од Ѓуешево до Софија за да има модерна пруга и од нивната страна и третата обврска е наша, да направиме ревизија на проектот што веќе правиме зашто е невозможно толку скапо да чини тој проект, за толку малку километри толку многу пари да се потрошат“, истакна Николовски по денешната посета на „Железници транспорт”.
Според него, четирите локомотиви од Србија се стигнати минатата година.
„Тоа беше одлична работа зашто им донесе приход на ‘Македонски железници’ и со тој приход можевме да инвестиравме во ова што го промовираме денес, а постепено ќе користиме целосно домашни, македонски локомотиви“, нагласи министерот.