Се степаа во Советот на Кочани
Како трагедијата во дискотеката „Пулс“ да не беше доволна денеска во Советот на Општина Кочани дојде до нов инцидент во една тензична атмосфера. Еден од советниците, како што јави Ради Кочани, погодил со шише вработена во Општината.
Градоначалникот Венко Крстевски ја смируваше ситуацијата, но очигледно во посттрауматскиот стрес страстите зовриваат во Кочани.
За настанот веднаш се огласија партиите.
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија најостро го осуди насилството што се случи на седницата на Советот на општина Кочани.
„Ги осудуваме и провидните сценарија на ВМРО-ДПМНЕ, кои со провокации и намерно поттикнување тензии се обидуваат да создадат конфликти и нестабилност во Кочани.
Учесници во инцидентот се советник на ВМРО-ДПМНЕ и советник од Ромската партија, а повредена е вработена во општинската администрација – што дополнително ја отсликува сериозноста на овој инцидент.
СДСМ целосно се оградува од постапките на советникот што го предизвика денешиот инцидент, потенцираме дека не станува збор за наш член туку коалициски партнер.
Факт е дека советниците на ВМРО-ДПМНЕ постојано провоцираат за време на седниците на Советот на општина Кочани. Сценариото на неколку седници наназад вклучуваше навреди на етничка, верска и лична основа, погрдни зборови упатени не само кон поединци, туку и кон целата ромска заедница.
Советникот Васе Алексов од ВМРО-ДПМНЕ беше најгласен во навредите и погрдните зборови и тоа го знаат сите советници.
Иако провокациите на советниците на ВМРО-ДПМНЕ беа очигледни, недозволиво е каков било чин на насилство. Насилството не смее да има и мора да биде санкционирано“, соопшти СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ прашуваат дали градоначалникот Венко Крстевски и СДСМ биле нарачатели на насилството во Советот?
„’Казна’ за негласање соработка со осуденик и лице на црната листа на САД, стигнува преку советник насилник кому токму тие му даваат безрезервна поддршка.
Дополнително СДС шири говор на омраза и дезинформации по социјални мрежи.
Кочани не е заложник на вашата политичка немоќ. Бараме веднаш оставка од Венко Крстевски. Бараме јавно извинување од СДСМ за поддршката на насилство и хаос“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.