Се сруши потпорен ѕид во Штип, оштетени се неколку автомобили


На улицата „Љубен Иванов“ во Штип потпорен ѕид се сруши и падна врз паркирани автомобили, јавуваат локалните медиуми.

На фотографиите и видеата кои беа објавени од местото на настанот се гледа дека големи бетонски блокови, земја и камења предизвикале значителна материјална штета врз најмалку две патнички возила.

На видеото кое го објави телевизијата „М-нет“ се гледа како срушената конструкција речиси целосно покрива еден бел автомобил марка „Шкода“, додека врз друго црно возило е падната метална ограда.