Се спаси претседателот на Јужна Кореја, немаше кворум за импичмент
Предлогот поднесен од јужнокорејската опозиција за отповикување на претседателот Јун Сук-Јол, не ги собра потребните гласови од пратениците и претседателот на Парламентот, Ву Вон-шик го прогласи за неважечки.
За постигнување кворум недостигале пет гласови, откако гласаа 192 пратеници од опозицијата и тројца пратеници на владејачката Партија на народна моќ.
Барањето за импичмент на Јун следеше по неговата одлука да воведе воена состојба во земјата, што предизвика масовни протести.
Јун воведе воена состојба на 3 декември за да ги искорени, како што рече, „антидржавните сили“, обвинувајќи ја опозицијата за парализирање на функциите на владата со барањата за отповикување на владата и предложените буџетски кратења.
Националното собрание на Јужна Кореја ја започна седницата со резолуција за нацрт-законот со кој ќе започне истрага на специјалното обвинителство против првата дама на Јужна Кореја, Ким Кеон-хи. Таа е осомничена дека била вмешана во шема за манипулација со акции како и за назначување на одредени функционери. На крајот овој закон не беше изгласан бидејќи му требаа уште два гласа за да се поддржи. Според Уставот на Јужна Кореја, потребни се минимум 200 гласови за да се донесе одлука во парламентот.
После тоа во парламентот се расправаше за импичмент на претседателот, а во тие моменти претставниците на владејачката партија ја напуштија салата.
„Предавници, вратете се внатре!“, им викаа опозиционерите.
Но, од 107 членови на владејачката партија, во салата се вратија само тројца политичари, што беше недоволно за изгласување недоверба.
„Ова е игнорирање на волјата на народот. Ова е непочитување кон народот, непочитување кон народното собрание. Како пратеници не смеете да го правите тоа. Кореја е демократија изградена на крв и солзи. Зарем не се плашите дека историјата ќе ви суди? Луѓе? Светот? Учествувајте во гласањето, а со тоа заштитете ја демократијата“, рече претседателот на Собранието.
Додека траеше гласањето во парламентот, илјадници граѓани се собраа пред зградата и ги повикаа политичарите да гласаат за импичмент на претседателот. Тие изразија незадоволство и од тоа што владејачката партија не учествуваше во гласањето и најавија нови протести.
Пред самото гласање, на јавноста и се обрати претседателот на Јужна Кореја, кој ѝ се поклони на нацијата и побара извинување за обидот да се воведе вонредна состојба.
„Многу ми е жал и би сакал искрено да им се извинам на луѓето кои беа шокирани. На мојата партија и оставам да преземе чекори за стабилизирање на политичката ситуација во иднина, вклучително и прашањето за мојот мандат“, рече Џун.