Се селам во Брисел, ќе излезам малку од локалниве „филмови“: Интервју со Лабина Митевска, актерка и продуцентка


Фото: Б. Грданоски

Јас дома како котирам не сум баш пресреќна, ама пак ниту несреќна, бидејќи сум ја нашла алтернативата со професионална сатисфакција надвор од Македонија, вели Митевска во ексклузивно интервју за „Независен“. Почнува нова етапа од нејзиното работење со целосен ангажман во една од најпрестижните белгиски и европски продуцентски куќи, а како ко-продуцентка и актерка е ангажирана во Празник на Трудот, најновиот филм на Пјер Жалица

Лејла Сабит

Секој почеток е тежок, но полека се гради репутација и ако не правите фаули и непотребни грешки, полека градите доверба, препознатливост, станувате гаранција за успешен проект и тоа се препознава и цени и потоа е лесно, ако го одржувате нивото, значи никогаш не е лесно. Ова во интервју за „Независен“ го изјави актерката и продуцентка Лабина Митевска која по метеорскиот успех со „Пред дождот“ на Манчевски собира ловорики на европските фестивали со семејната продукција „Брат и сестри Митевски“.

Кој е „најсреќниот човек на светот“, зошто фондовите што се издвојуваат за клучните области за развој на една земја и нејзината култура се повеќе од мизерни, колку е тежок патот до домашните и европските филмски фондови, дали пријателството со Манчевски се уште трае, и зошто црвените килими доаѓаат на крај, во продолжение на интервјуто.

Фото: Б. Грданоски

Како продукција „Брат и сестри Митевски“ актуелни сте со најновиот филм на режисерката Теона Стругар Митевска „Најсреќниот човек на светот“ кој е поддржан од Агенција за филм и Еуримаж и моментно се снима во Сараево. Можете ли да ни откриете за што е филмот со толку симболичен наслов?

Дали војната има крај, дали некогаш ќе престане да не прогонува, и како да се најде мирот во себе? Тоа се прашањата кои ги поставува овој филм. Сценариото е инаку напишано од Теона и Елма Татарагиќ која како млада девојка била погодена од снајпер во својот кревет на спиење. Многу подоцна се среќава со човекот кој пукал во неа…. доста ви кажав. Кога ни ја кажа таа своја воена/повоена случка, јас и Теона се потресовме и фасциниравме од нејзините одлуки и смелост. Внимателно, да не ја навредиме или повредиме и посочивме дека мислиме дека тоа е основа за многу силно сценарио. После неколку недели ни одговори дека е спремна да го пишува, и со Теона се впуштија во овој проект. Така да автентичноста на емоциите е осигурена, преостанува на Теона од ова индивидуално трауматично искуство да создаде дело кое ќе прозбори на универзален јазик.

Дали вашата семејна продукција функционира сложно како семејство?  По кои прашања не  се согласувате?

Сите што работеле со нас знаат колку гласно знаеме да со “објаснуваме” Теона, Вук и јас, но ние секогаш сме крајно отворени еден со друг и затоа забораваме на кочниците кога дискутираме. Но, сето тоа за да се добие најдобриот посакуван резултат. Во исто време си држиме грб еден да друг и постојано се советуваме. Веќе се приближуваме до десетиот заеднички проект, повеќе од четврт век соработуваме професионално. И кога велам професионално, тоа значи дека немаме пардони еден кон друг ако некој греши или не си ја врши добро работата, а тоа е можно затоа што сме сложни како семемјство. Приватно сме интензивно испреплетени.

Тој принцип го пренесуваме и во однос на соработниците. И Теона во својот дел и јас, и Вук секој во својот дел секогаш се трудиме да соработуваме со истите луѓе со кои сме имале позитивно искуство и врвни резултати. За мене партнерството со моите копродуценти и луѓето во продукција е како трајна врска, базирана на почит и лојалност, и се разбира, најосновно, пасионираност за филмската уметност.

Со снимањето во Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ во Скопје, дадовте поддршка на она што Министерството за култура се обидува да го направи за самиот објект, неговата архитектура и значењето. Како филмаџии испративте повик сите заедно да придонесеме за враќање на достоинството, сјајот и животот во НУБ. Што ве поттикна на оваа идеја?

Со самото влегување во овој прекрасен и трагично запуштен објект, а институција од непроценлива историска и општествена важност за Македонија, се решивме да помогнеме некако, особено што бевме прифатени со отворени раце и ни се овозможи да работиме во најпријателска атмосфера. Не е лесно да трпите неколку месеци и мајстори и глумци и техничари и продукција и да не каже никој ниту збор замерка и за тоа сме им бескрајно благодарни. Целосно реновиравме и опремивме една читална, чиј што кров прокиснува, донираме разладен систем и некои други работи. Но тоа не е ни приближно доволно.

А за НУБ не повик, туку крик е потребен, ама се плашам да не сме веќе отапени и оглувени на вакви состојби во културата и образованието. Ниту е состојбата од лани, ниту е единствена врвна институција која е оставена да фаќа прашина и патина и полека да тоне. Искрено да ви кажам сериозно мислам дека фондовите што се издвојуваат за овие клучни области за развој на една земја и нејзината култура се повеќе од мизерни. Нам ни треба барем триплирање, онака без калкулации и анализи, линеарно, автоматско, триплирање на средствата кои се издвојуваат и за образование и за култура. Знам што би биле критиките и оправданијата зошто тоа не се прави, но со тоа, ден за ден, година по година, со децении веќе само ја сакатиме, осиромашуваме, уништуваме нашата душа, нашиот ум, нашат креативност, имагинација, па ако сакате и слобода.

Како продукција сте препознаени во регионот и пошироко, продолжувате со снимање филмови како во најубавите времиња. Тежок ли е патот до домашните и европските филмски фондови?

Секој почеток е тежок, но полека се гради репутација и ако не правите фаули и непотребни грешки, полека градите доверба, препознатливост, станувате гаранција за успешен проект и тоа се препознава и цени и потоа е лесно, ако го одржувате нивото, значи никогаш не е лесно. Од самиот почеток се боревме да се вклучиме на врвни фестивали, со краткиот Вета на Берлин Теона беше наградена, па со првенецот преку Ротердам до низа други и дузина награди, па со Јас сум од Титов Велес, од Сараево, Торонто, до Берлин, Кан, па Жената кој ги избриша своите солзи, и Кога денот немаше име повторно започнуваа на Берлин во Панорама, и конечно со Господ постои, нејзиното име е Петрунија, во официјална конкуренција. Се извинувам за ова набројување, но најкусо што може да се покаже дека успехот се забележува, репутацијата расте, кредибилитетот и на авторот и на продуцентот се градат низ произведените дела. Сем до фондовите и копродуценти, уште потешко се доаѓа до добри продажни агенти бидејќи тие вложуваат сопствени средства во промоцијата на филмот. Е, за тоа ви треба да сте препознатлив автор, а тоа навистина не е лесно да се постигне.

Фото: Б. Грданоски

Се има чувство дека по улогата во филмот на Милчо Манчевски и успехот во Венеција  „Пред дождот“  ви се отворија вратите на успехот, и таа патека ве следи и сега. Дали сум во право или приказната „зад црвениот килим“ е поинаква?

Вратата ќе ви се подотвори и патеката ќе се распостеле, ама за да продолжите по тој пат морате да продолжите да испорачувате. Препознатливоста помага за иницијален контакт, но ако не донесете квалитетен проект, квалитетна изведба, брзо ќе ве заборават. Неверојатно се сурови и критичари и фондови и фестивали и продуценти, а најтешки, бидејќи некако, најдиректно вложуваат, продажните агенти. Во тој еден комплексен и исповрзан систем треба да ги имате освоено повеќето, ако не сите, од оние од кои зависите. Под освоено мислам на испорачан квалитетен претходен и претходен проект. Килимите доаѓаат на крај.

Дали се дружите уште со Манчевски?

Професионално, иако на неколку пати сме разговарале и преговарале, никако не ни склопија коцките за повторно да соработуваме на заеднички проект, за жал. Но јас секогаш ќе го почитувам и ценам и особено ќе сум му благодарна за смелоста да го превземе ризикот и што ми ја даде довербата за феноменалниот Пред дождот. Останува да се надевам дека еден ден сепак повторно ќе соработуваме.

Црвениот килим и тука и во Холивуд е послан со подеми и падови, (не)очекувани радости и разочарувања. Кои моменти ви предизвикуваат насмевка на лицето, а кои би ги заборавиле или избришале?

Јас дома како котирам не сум баш пресреќна, ама пак ниту несреќна, бидејќи сум ја нашла алтернативата со професионална сатисфакција надвор од Македонија. Имало многу убави моменти, да речеме успесите со Манаки фестивалот. И страшно грди како неоснованите напади од една екипа стари кадри во културата од СДСМ кога само што дојдоа на власт се обидоа да ме дискредитираат како наводен соработник на претходната власт. Никогаш, ама никогаш не сум побарала партиска закрила од ниедна власт. Никогаш, ама никогаш, не сум соработувала со ниедна партија. Секогаш сум се борела со својот професионализам, одговорност кон јавноста и јавните пари, личниот морал, конечно, и никогаш не сум дозволила да се загрозат со било какво додворување до моќниците. И наеднаш, дали поривот за медиокритетство, дали македонската завист проработија и во синхронизација некои хтонски партиски структури поведоа хајка за дефамација и сугерираа методи на лустрација, да ми се забранело да снимам. Тој период ја доживеав најголемата болка, но тоа и те прави посилен, ти дава сила и крилја да уште повеќе се бориш за својата слобода и независност.

И пред ковидот, ретко ве имаше во јавноста. Имате ли и други ангажмани и кои се вашите планови?

Ако ме прашате мене и премногу ме има во јавноста, односно си имам јас своја работа преку која се изразувам. Ангажмани и планови, ухухууу! Сега ќе имам полни раце работа со постпродукцијата на Најсреќниот човек на светот, па работам и како ко-продуцент и како актерка на Празник на Трудот, најновиот филм на Пјер Жалица, кој исто така прашува има ли војната крај. Одлуката пред десетина години да започнам да работам копродукции ми внесе многу свежина во професионалниот живот и многу успеси, па тоа многу ме исполнува. Почнувам нова етапа од моето работење со целосен ангажман во една од најпрестижните белгиски и европски продуцентски куќи, па ќе се селам во Брисел, па малку ќе искочам од локалниве “филмови”.

Фото: Б. Грданоски

Бевте препознатливи и со изгледот и со врвниот стил на сите гала настани, прво како русокоса со кратка коса, а подоцна како бринета со долга коса. Дали тој стил ви се допаѓа и сега, нормално во однос на пригодата?

Јас сите овие години не престанав да глумам, иако не ме гледате во македонски филмови, и според потребите на разните улоги го менувам и изгледот. Приватно, не сакам многу да се оптеретувам сем со соодветна козметичка нега, најчесто носам црно и гледам да ми е комотно. Големите настани се посебни и средувањето и дотерувањето служат за да се одаде почит на значењето кое го придавате, а не да се истакнете себеси. Се разбира, секој сака да изгледа убаво во тие околности. Како дел од ритуалот е да се стокмите, помалку трансформирате, и да уживате во посебноста на моментот и среќно да ги зафрлите по аглите на собата високите потпетици на крајот на вечерта.