Се реновира интернатот во Кавадарци што постои повеќе од шест децении
Се реновира интернатот во Кавадарци што постои повеќе од шест децении. Кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев денеска го посети Ученичкиот дом ,,Крсте Петков – Мисирков”.
– Со општински пари се реновираат осум соби од интернатот со 40 легла. Објектот добива нова библиотека, како и реновирани тоалети и целокупно нова електрична инсталација на спратот што се реконструира, нови врати и прозорци. После толку години, ученичкиот дом конечно ќе добие и нов и посоодветен влез и нови прозорци во кујната, појасни директорот Александар Ангелов.
До минатата година, домот беше државен, а сега е општински. Реконструкцијата се врши со општински финансиски средства.
– Се зголемува капацитетот од 65 на околу 100 легла. Планирана е и изградба на лифт за овие три ката. Многу е значаен овој капацитет, бидејќи овде се сместуваат средношколците што се школуваат во средното образование во Кавадарци а доаѓаат од други општини, рече Јанчев.
Претседателот на Совет на Општина, Стојанче Рамов, подвлече дека кога се вложува во образование, советниците се единствени во носењето одлуки.