Се разделија Христијан Мицкоски и Игор Јанушев


Што е вистината за смената на Игор Јанушев (Фото: Б. Грданоски)

Генералниот секретар поднел оставка од „лични причини“. Кои се тие причини Мицкоски не соопшти по седницата на Централниот комитет. Извршниот комитет е речиси целосно изменет. Позначајно е кого го нема во новиот состав отколку кои се новите членови

 

Прилично неочекувано генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, вечерва поднесе оставка на функцијата во партијата, за која Христијан Мицкоски рече дека била од „лични причини“. Пред три години, по изборот на Мицкоски за лидер на партијата, Јанушев беше назначен за генерален секретар со најава дека тоа ќе биде новиот силен тандем на ВМРО-ДПМНЕ.

Дали поради вкупниот резултатот од изборите (Јанушев и како носител на листата во бастионот на партијата, Изборната единица 3, едвај освои нешто повеќе гласови од своите ривали, а СДСМ само поради успехот на Левица загуби еден пратеник), или поради нешто друго вечерва не беше јасно. Неколку месеци пред превремените избори Јанушев беше сменет од функцијата шеф на партискиот изборен штаб, а неговото раководење го презеде лично Мицкоски.

Јанушев е познат по остриот и понекогаш грубиот несмасен речник кон своите политички ривали, особено во дебатите, па кај неутралните граѓани неговите зборови често предизвикуваа одбивност наместо согласност. Пред неколку дена беше објавена имотната состојба на Јанушев што е должен да ја објави и во неа можеше да се види дека има четири стана во Скопје и куќа во Охрид (од нив два стана се подарок, а и куќата). Дали навистина „личните причини“ биле пресудни или тој ја загубил поддршката во врвот на партијата? Што од сите овие работи е вистинската причина веројатно ќе се дознае наредните денови.

Нов генерален секретар не е избран.

Во вообичаена партиска игра за да се засилат позициите, Мицкоски по седницата на Централниот комитет соопшти дека тој им предложил на неговите членови да се свика вонреден конгрес (како што бараат незадоволниците во партијата) а тој на него да не се кандидира, па си излегол од салата кога било гласањето. Потоа членовите на ЦК го одбиле таквиот предлог. Мицкоски рече дека сега има полн легитимитет да ја води партијата и понатаму.

На седницата беше избран и нов Извршен комитет, со кој Мицкоски настојува да ги збие редовите околу себе во врвот на партијата. Поголемо изненадување е кого го нема во него, а не кои се новите членови. Бројот на членовите на ИК е намален од 21 на 16 (без потпретседателите Владо Мисајловски и Александар Николоски, кои останаа на истите функции).

Според предлогот на Мицкоски, кој беше усвоен од ЦК, Во Извршниот комитет веќе ги нема Ане Лашкоска, Иванка Василевска, актерот Тони Михајловски, блискиот соработник на Мицкоски, Димитар Димовски, лекарот Игор Николов, претседателката на Унијата на жени Благица Ласовска, Владимир Нелоски, Цветан Трипуновски, Јован Јаулески, Орце Ѓорѓиевски и уште некои други.

Меѓу оние што останаа се Влатко Ѓорчев, Трајко Славески, Коце Трајановски, Дафина Стојаноска, а меѓу новите членови има еден што и порано беше дел од оваа структура – Антонијо Милошоски. А и неколку негови најблиски соработници, како Гордана Димитриеска-Кочоска, која беше технички заменик министер за финанасии, Рашела Мизрахи (која кусо беше технички министер за труд и социјала), Стефан Андоновски, кој е дел од кабинетот на претседателот на партијата.

Христијан Мицкоски ги соопштува одлуките на Централниот комитет

За многумина изненадување е вклучувањето на лекарот Вело Марковски во новиот ИК (според Мицкоски, ќе биде драгоцено неговото искуство во време на корона епидемијата), како и на полковникот Драган Ковачки (кој беше неуспешен кандидат за технички министер за внатрешни работи). Други членови се поранешниот пратеник Иван Иванов, сегашната пратеничка Олга Лозаноска, Марија Андоновска, координаторот на пратеничката група Никола Мицевски, Сергеј Попов (претседател на УМС) и Кирил Пецаков (член и во досегашниот состав).

На овие ќе им се приклучат, како што најави Мицкоски, по функција и првите лица во униите за жени и ветерани. Сите тие, според планот на лидерот, ќе работеле заеднички во „борба со мафијата“, која била сѐ само не политичари. Плус, оваа структура имала задача да го одбранат ВМРО-ДПМНЕ од „политичките хиени“.

Дали на „политички хиени“ мислеше на оние што бараат негова оставка Христијан Мицкоски не образложи детално. Но од иницијатниот одбор за свикување вонреден конгрес веднаш со писмено соопштение му пораачаа дека тој е „само лош глумец чија суета го турка ВМРО-ДПМНЕ во пропаст… Единствено чесно од негова страна би било извинување до членството за претрпените порази, преземање на одговорност, оставка и закажување на вонреден конгрес.

Само така ќе си го одржи зборот и ќе го сочува образот… Тајмингот и начинот на кој што го предлага новиот Извршен комитет покажува само дека Мицкоски не го почитува конгресот и делегатите кои го избрале. Наместо да побара поддршка на вонреден конгрес и потоа со легитимитет да ја води партијата, доколку добие доверба, Мицкоски одлучува да се коцка со ВМРО-ДПМНЕ и да предлага нови структури кои во суштина не нудат ништо ново“, велат дисидентите во партијата.

Се јавија и од СДСМ и преку соопштени изјавија оти бегалецот Никола Груевски му скрои нов Извршен комитет во обид да го зачува на позицијата и да му ја спаси фотелјата во белиот дворец. Секоја демократска партија е нормално да одржи Конгрес после избори, само Мицкоски се плаши од сопствените членови, како и од граѓаните. Ништо не се менува во ВМРО-ДПМНЕ, партијата предводена од докажаниот губитник Христијан Мицкоски нема капацитет да се реформира. Последен доказ за тоа се таканаречените големи промени во раководството на оваа партија во кое се наоѓаат стари, потрошени кадри, послушници и извршители на Никола Груевски“, велат од владејачката партија. (Љ.П.)