Се преиспитува цената за парното греење, очекувањата се да биде помала


Компаниите кои се надлежни за парното греење во Скопје прават последни пресметки за нивните оперативни трошоци кои треба да ги достават во Регулаторната комисија за енергетика, која пак треба врз основа на тие податоци да ја креира новата цена на топлинската енерегија во главниот град која ја користат околу 65 илјади домаќинства.

По намалувањето на цената на парното за компаниите од цели 35 отсто во февруари годинава, граѓаните сега очекуваат таква или слична одлука да има и за домаќинствата.

На почетокот на годинава клучен фактор за ваквата одлука беше предвидувањата за цените на природниот гас дека ќе се намалуваат, така што регулаторот одлучи дека и фирмите заслужуваат одредени бенефиции со оглед на фактот што досега  не беа субвенционирани во оваа неколку годишна криза кога станува збор цената на парното греење.

„Во овој момент корисниците на парно греење имаат субвенционирана цена за околу 20 отсто. Таа субвенција е од страна на државата. Сега одлуката ќе зависи од потрошувачката на природен гас. За жал од средината на декември до средината на јануари ТЕ-ТО не работеше, едноставно не му беше исплатливо. Поради ниските цени на електричната енергија на берзите  ТЕ-ТО престана да работи, а во тој период се користеа топланите во Скопје чија цена е далеку повисока од цената на ТЕ-ТО. Затоа не сакаме да брзаме со прогнози, да ги видиме сите фактори кои влијаат на цената и ќе ја информираме јавноста“, велат од РКЕ.

Инаку, бројот на корисници на парноо греење расте, лани има нови две илјади корисници кои се приклучени на системот на топлинската енергија, а тој тренд продолжува и годинава.