Се преигравме ли со ТВ-дуелите?


Серијата ТВ-дуели меѓу претседателските кандидати во пресрет на првиот и на вториот круг на изборите за шеф на државата треба да биде заокружена со вечерашното финално соочување меѓу Гордана Силјановска-Давкова и Стево Пендаровски на Телевизија 24. Последното „танго“ пред гледачите доаѓа само ден по дуелот на Канал 5. Тоа дефинитивно нема да биде окарактеризирано како најважната ноќ во претседателската кампања, како што да речеме американските медиуми го оценија дуелот меѓу Барак Обама и Мит Ромни, кој во рамките на кампањата во 2012 година се одржа во Универзитетот „Хофстра“ во Њујорк, пред 82 неопределени гласачи.

Главната причина за тоа, според познавачите, е што јавноста виде рекорден број ТВ дуели (седум, што е несвојствено за ниту една друга земја), а веќе по првите два-три горе-долу се искристализираа ставовите на претендентите за влез во резиденцијата на Водно. Пред првиот круг меѓу тројцата кандидати Река, Силјановска и Пендаровски се одржаа дури четири ТВ-соочувања – на телевизија Телма, МРТ, Сител и на Алсат. Пред клучното гласање в недела, пак, двајцата финалисти Силјановска и Пендаровски вкупно трипати ќе ги вкрстат копјата. А, можеше и петпати ако се реализираа поканите од телевизиите Телма и Алфа (на претседателските избори во 2014 година тогашните противкандидати Пендаровски и Иванов имаа само еден дуел). Набиената агенда, како што соопштија од изборниот штаб на Пендаровски, е причината што тој не бил во можност во посочениот термин да одговори на нивното барање.

„Поради кратките рокови и веќе договорените теренски активности на кандидатот за претседател, го запазуваме принципот за учество на телевизиските соочувања на оние медиуми каде што немаше ТВ-дуели и интервјуа во првиот изборен круг, со исклучок на националниот сервис МТВ. Цениме дека принципот на подеднаква присутност на сите медиуми во рамки на кампањата дава еднаква важност на медиумите и рамномерен, избалансиран пристап во однос на медиумската застапеност и достапност до граѓаните“, рекоа од штабот на Пендаровски.

Покрај директните дуели, ќе остане забележано и дека Пендаровски седна на „жешкото столче“ на ТВ Телма со новинарите, а Силјановска го одби предизвикот. Многуте понуди пак за неформални дуели од невладини и други организации беа причина за меѓусебни препукувања деновиве од двата табори – кој од кого се плашел, кој бегал од незгодни соговорници и слично, што се претворија дури и во фолклор.

ТВ-соочувањата, според познавачите, како автентична игра на вистината пред камери, бездруго изгледаат витешки и во суштина имаат сензационалистичка димензија. Политичарите, велат, треба да се соочат, а луѓето потоа да ги одберат оние што изгледаат поубедливо и имаат подобри аргументи. Ставовите околу тоа колкаво е влијанието на ТВ-дуелите врз гласањето се различни. Но, доминираат размислувањата дека со нив не може многу да се добие, но може многу да се загуби.

Јавноста во секој случај сака да гледа политички бокс меч бидејќи телевизијата како медиум е сама по себе сурова, па очекуваат да видат и нешто што кандидатите кријат.

„Позитивно е за развојот на демократските вредности што се организираа ТВ-соочувањата на кандидатите за претседател. Но, впечаток е дека штабовите на кандидатите требаше малку подобро да се организираат за да нема баш толкав број дуели“, смета комуникологот Сефер Тахири. Видливо, според него, било дека по втората дебата на МТВ бројот на коментарите драстично се намалил што, како што вели, укажува на тоа дека севкупниот интерес опаднал.

Пендаровски не стартуваше најдобро во дуелите со противкандидатите во првата дебата на ТВ Телма, во која Силјановска делеше лекции за меѓународното право. Професорот Љубомир Фрчкоски констатираше дека тој имал една сосема погрешна тактика да поставува, наводно, прашања што требаше Силјановска да ја стават во незгодна позиција, за 10 секунди. „А, таа после користеше две минути за да му држи лекции и да му објаснува. И таа му го украде времето во дебатата“, посочи Фрчкоски. Затоа беше под огромен притисок, кој очигледно добро влијаеше на него. Во останатите дебати, според оценките, тој изгледаше многу посигурно предвидувајќи ги сите полиња за напад од противкандидатката Силјановска.

„Кога сме кај шефовите на изборните штабови, Силјановска не кажува дека СЈО води истрага за Игор Јанушев околу набавката на кинеските автобуси“, ќе реплицира во една од дебатите Пендаровски на обвинувањата за непотизам кон генералниот секретар на СДСМ, Александар Кирацовски. Силјановска, пак, според оцените, го држеше речиси истото темпо и курс од стартот до крајот.

„Без оглед на тоа што бевме сведоци на повторување на ставовите од дуел во дуел, граѓаните, сепак, можеа да изградат појасна слика за програмските определби на кандидатите. Не изостанаа и личните провокации односно прозивки на лична основа, но на некое прифатливо ниво, особено за општество со вакво ниво на политичка култура. Лично сметам дека се поставуваа преопшти прашања. Тие требаше и можеше да бидат поконкретни и подиректни за да видиме кој од кандидатите како би се однесувал во извршување на претседателската функција“, оценува Тахири.

И покрај спорниот квантитет, сепак, тет-а-тет соочувањата се позитивен исчекор во демократизација и култивизација на политичката сцена, особено по деценијата владеење на ВМРО-ДПМНЕ, во која ниту еднаш тогашниот лидер, а сега азилант, Никола Груевски не се одважи да ја прифати фрлената ракавица за ТВ-соочување на своите политички противници. Но, според упатените, треба да помине уште време за целиот тој јавен театар да се издигне на повисоко ниво. За тоа, според нив, неопходна е подобра подготовка на кандидатите и потребен е тим од експерти кој ќе биде со политичарот минимум шест месеци во континуитет. Се обрнува, велат, внимание на реториката, но и на насмевките, тиковите, држењето на телото. Во САД, на пример, сè е прецизирано во детали, се вежба со денови и во посебни студија со симулации и спаринг партнери, а кај нас, нагласуваат, политичарите бараат обука во пет до дванаесет.

Како го правеа тоа Никсон и Кенеди?

Како специфичен пример дека има и „наука“ за правење дуел се спосочува првиот дуел меѓу претседателските кандидати кој е одржан во 1960 година меѓу Ричард Никсон и Џон Кенеди. Тимот на Кенеди, проучувајќи ги слабостите на Никсон, ги искористил сите валкани трикови за да го деградира. Имено, Никсон на ТВ-дуелот дошол уморен и го мачела болката во коленото, па штабот на Кенеди побарал кандидатите да стојат. Со време болката кај Никсон се зголемувала, што подоцна предизвикала болна гримаса на лицето. Згора на тоа, тимот на Кенеди побарал да се засили греењето бидејќи знаеле дека Никсон се поти. Така, на крајот, гледачите можеле на едната страна да го видат намуртениот и испотен Никсон, а на другата свежиот Кенеди кој победи со над 100.000 гласа.

За евентуалните замки, трикови, очекувања и потфрлања засега не сакаат да коментираат од двата табора. За одредени детали од кампањата и ТВ-соочувањата кои не се видливи со голото око на јавноста ќе можат потранспарентно да зборуваат по завршувањето на гласањето в недела кое треба да го даде името на петтиот претседател државата.

Наум Котевски