Се пошумуваше Ајватовски Рид во рамките на проектот „Зелена општина Илинден“
Општина Илинден ја спроведе големата акција за пошумување во рамки на проектот „Зелена Општина Илинден“. Акцијата за пошумување се реализира во изминатиот период на повеќе локации, а денес масовно се пошумуваше на Ајватовски рид, делот кој беше опфатен со големите пожари и беше уништена шума во површина од 30 ха.
„Во оваа денешна акција за збогатување и обновување на шумскиот фонд, засадени се 1100 садници од видот багрем и чемпрес, а учествуваа голем број граѓани, ученици, јавните претпријатија, општинската администрација. Целта е да се обнови шумата и заеднички да ја подигнеме еколошката свест за здрава и чиста животна средина чии придобивки ќе ги чувствуваме сите ние но и генерации по нас“, истакнуваат од општината.
Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски присуствуваше на акцијата и истакна дека обврска на секој од нас е активно да се грижи во подобрување на еколошката свест, со цел да допринесеме да имаме чист воздух и здрава животна средина, такашто во таа насока ваквите еколошки акции ќе продолжат и во иднина да се реализираат.
Заштитата и унапредувањето на животната средина претставува еден од приоритетите во работењето на локалната самоуправа, нагласуваат во соопштението.