Сè помалку луѓе на протест бараат правда за пациентите од онкологија


Протест онкологија (Фото: Б. Грданоски)

Попладнево пред Владата почна еден од низата протести на граѓаните против скандалот на Клиниката за онкологија.

Со различни транспаренти стотина лица се собраа пред Владата барајќи, како што велат правда за сите оние кои го изгубиле животот на оваа клиника.

„Протестот од Влада ќе продолжи пред зградата на Министерството за здравство, каде што ќе побараме одговорност за сите инволвирани во скандалот со Клиниката на онкологија, но и за обелоденување на информациите во врска со истрагата за трагедијата во модуларната болница во Тетово, вклучувајќи ги лицата од Министерството за здравство, како што се претходните министри, кои влијаеле за забошотување на случаевите. Повторно нагласуваме и за тоа дека измени во Кривичниот законик нема да ги аболираат инволвираните од нивните злосторства доколку ние тоа не го дозволиме“, порчаа жителите кои бараат правда за жртвите на Клиниката.

Фото: Б: Грданоски

Вечерва најавија дека протести ќе одржуваат протести секој понедлник, а дадоа рок до 1 ноември, за надлежните институции, да се преземат мерки за разоткривање на скандалот. 

Не се задоволни од извештајот на Обвинителството, за што сметаат дека не изнесло доволно детали за случувањата на Онкологија.

Овие протести кои се организираат од почетокот на месецот беа помасовни, откако јавноста беше згрозена од откритието на новинарите дека на Клиниката за онкологија можно е некои пациенти да не ја примале потребната терапија, како и дека се крадат лекови, па дури дека и се доделуваат државјанства на лица од соседните држави, само да можат да се лекуваат кај нас. 

Обвинителството ги истражува овие наводи, но осомничените лица продолжија да одат на работа, затоа што за нив нема покренато никакво обивинение. 

Дополнително, протестите беа поддржани и од членови на некои политички партии, кои излегоа и со недолични транспаренти, па некако го намалија значењето на овој протест, кој има за цел да ги заштити болните, од „нездравиот“ здравствен систем.