Се подготвува Стратегијата за реформа на јавната администрација 2023-2030, фокусот на департизација и МЕРИТ систем


Департизација на јавната администрација, создавање на потранспарентна јавна администрација и МЕРИТ систем ќе бидат во фокусот на новата Стратегија за реформа на јавната администрација 2023-2030, потенцираше министерот за информатичко општество и јавна администрација Адмирим Алити на денешната јавна расправа за Нацрт верзијата од оваа Стратегијата, организирана од МИОА и РЕСПА.

Министерот посочи дека Стратегија за реформа на јавна администрација 2018-2022 истекува оваа година и затоа нивните тимови, во соработка со експертите на СИГМА и РЕСПА, но и номинирани лица од други институции работат на донесувањето на новата Стратегија за реформа на јавната администрација 2023-2030.

Според Алити, реформата во јавната администрација претставува еден од клучните приоритети во пристапното партнерство и е важен предуслов во процесот на европската интеграција на нашата држава.

-Унапредувањето на државната и јавна администрација е постојано актуелно и се гледа како основ на целокупниот јавен сектор, од кој зависат процесите и развојот во секое демократско општество. Свесни сме за важноста на реформата на јавната администрација, која согласно новата методологија за пристапни преговори, првпат конкретно се дефинира како област која е дел од првиот кластер и е од суштинско значење за динамиката на преговорите во целина, рече Алити.

Тој напомена дека во време кога се одвива процесот на разговорите за пристапување во Европската Унија, континуирано работат на обезбедување на модерна и ефикасна јавна администрација, базирана на дигитализација, која обезбедува квалитетни и брзи услуги за граѓаните и деловните субјекти.

-Владата за таа цел ја потврдува силната политичка посветеност на процесот на реформите на јавната администрација преку континуирана имплементација на мерките и активностите, дефинирани во Стратегијата за реформата на јавната администрација со акцискиот план 2018/22, додаде Алити.

Како што информираше, од голема важност за напредокот и мониторингот на процесот на реформата на јавната администрација во нашата земја се дадени во Извештајот на Европската комисија за Северна Македонија за 2022 година, но и во Извештајот од спроведениот мониторинг од страна на СИГМА за РСМ за 2021 година како и заклучоците на специјалната група за реформа на јавната администрација за 2021 година.

Овие извештаи, како што рече, претставуваат документи кои даваат реална и објективна слика на постигнатиот напредок, но и на областите кои бараат дополнителни реформи со цел да се усогласиме со стандардите на ЕУ.

-Во таа насока, Владата, со цел продолжување на процесот на реформата на јавната администрација во нашата земја, се обврза за развивање и донесување на нова осумгодишна Стратегија за реформа на јавната администрација од 2023 до 2030 година, со веќе обезбедена експертска поддршка од страна на СИГМА и РЕСМА. При дизајнирањето на новата Стратегија земени се во предвид наодите и препораките согласно меѓународните документи, рече Алити.

Според министерот, иако МИОА е институција надлежна за координирање на процесот на реформата на јавната администрација, за успешна имплементација и за подготовка на новата Стратегија потребно е активно учество на сите институции и засегнати страни.

-Воедно, сите ќе треба да ги вклучиме нашите капацитети за подготовка на новата Стратегија, имајќи ги предвид научените лекции и искуство од досегашната Стратегија, се со цел да иамме реален документ со реални цели и активности кои планираме да ги реализираме во наредниот осум годишен период, додаде Алити.

Тој напомена дека МИОА ќе продолжи со јакнење на интеринституционалната соработка, како и соработка со сите засегнати страни, посебно со граѓанскиот сектор и меѓународните организации во процесот на реформата на јавната администрација.

-Нашите заеднички напори изминативе години доведоа до подобрување на ефикасноста, транспарентноста и создавање на лесно достапна јавна администрација. Но, секако, останува да работиме на унапредување на дел од областите, каде во меѓународните извештаи е нотирано дека ќе треба да се подобриме, додаде министерот.

Целта е, како што рече, да се обезбедат квалитетни и брзи услуги на граѓаните.