Се плаши ли Владата од протестите за загинатите во Кочани?

Медиумските поддржувачи на власта испраќаат пораки дека не е време за протести и оставки, дека сега е „време на разум“. Премиерот нервозно им одговара на новинарите


 

Се плаши ли Владата од протестите што се најавуваат или само ги сфаќа како аларм дека треба да се пресмета со тие што деновиве бараат отчет за нејзините пропусти околу трагедијата во дискотеката во Кочани? Сфати ли премиерот Христијан Мицкоски дека демократијата е незгодна и дека не е баш пријатно кога го прашуваат за одговорност на тие што тој ги постави на функциите пред само девет месеци?

Се плаши ли ВМРО-ДПМНЕ дека пак ќе му се случи „шарена револуција“ (и тоа без Сорос) и дека само што дојдоа ја изгубија контролата над ситуацијата во државата? Се плаши ли ВМРО-ДПМНЕ дека нивните 450.000 гласови нема да ги спасат пред разочараната нација од трагедијата во Кочани и дека вирусот од Белград може да се прошири и во Македонија, односно „дискотеката“ во Кочани да стане „настрешницата“ од Нови САД? 

Иако нема знаци дека опозицијата се подготвува да ја урива власта, иако нема сѐ уште таква критична енергија во државата и, уште повеќе, ни јавноста не е воодушевена да ги дочека назад, вчера и денес се појавија куп функционерски, медиумски, ботовски и други пораки – дека „не е време да се протестира“ во државата. Впечатокот е дека за првпат ВМРО-ДПМНЕ е неподготвено да одговори на ситуацијата и дека, место реални потези, запаѓа во политичка фарса, бидејќи нема што да каже кога на улица излегуваат средношколци, студенти, непартиски, нерасипани и длабоко разочарани млади од државата.

Може да се каже дури дека власта е во паника што барањата за одговорност одат и на нивна адреса и што е поважно, дека гневот не го смири оставката на градоначалникот Љупчо Папазаов и се бара и таа на Панче Тошковски. Одговорот засега е фамозната реценица на премиерот дека кривично ќе одговара секој кој згрешил, а ако се бара морална одговорност – тој е подготвен да одговара, но откако ќе го порази корумпираниот систем во чие градење како партија учествуваше ВМРО-ДПМНЕ исто така последните 30 години, а најочигледен доказ е нивната партиска палата.

Таа порака – дека не е време и дека протести и оставки треба да има после, се чита од сите нивни медиумски подржувачи денес. Имено, пораката што се праќа е дека сега е „време на разум“ (иакоа треба да е така цело време), а не за протести. Па, и дека додека родителите тагуваат не е примерно да се изразува гнев, дека не е време да се прави политика, туку дека ни треба обединување за да се порази корумпираниот систем, за кој досега власта од многу обврски немала кога. 

Има и една уникатна пропагандна порака, дека „молкот колку и да е болен, е најгласен“ и дека достоинството и почитта кон жртвите и нивните семејства се најпотребни во овој момент. Има и десетина пораки дека треба да се остават институциите „да работат“ (кој им пречи!) и да почекаме да видиме што ќе сработат – па да се протестира. Во некои има и политичка патетика, во смисла дека не треба со протести и „дезинформации“  дополнително да им приредуваме пекол на семејствата на загинатите, бидејќи не е време за политики, што сугерира дека власта треба да каже кога ќе биде, идеја на која може да позавиди и Александар Вучиќ.

„Правда – да, одговорност –  да, ама не преку улица, нереди и дивеење, туку преку институциите – полиција, обвинителство и судови“, е една од пораките која за волја на вистината не е лоша, ако функционираа институциите досега.

„Инфомакс“ денес објави дека се оди и понатаму и се повикуваат учесниците во гневните протести во Кочани на разговор во полиција, а се најавува и полициско присуство на сите протести вечерва преку соопштение на МВР во кое, сепак со право, се бара тие да бидат мирни и ненасилни.  Се води кампања  против сите што повикуваат на улица лепејќи им етикети на „шарени“, „пленумци“, „независни“… за да се одвратат младите од учество давајќи им  политичка заднина. Се предупредува дека таквите повици за протест потекнуваат од „месии“ со скриен идентитет чија единствена цел е предизвикување нереди и насилство, иако зад општиот  гнев во јавноста има конкретен и трагичен повод.

Некои повици се просветителски, со барање младите да бидат  достоинствени и да ја шират „новата култура на размислување и однесување“, т.е. да се помага, а не одмага во овие тажни моменти.

 

„Сакаат да ги глумат Белград и Србија. Да почнат нова  Шарена. Сега недостига уште да ги организараат средношколците, како во време на т.н пленуми, и сѐ да биде потаман. А, толку е провидно, очигледно и веќе видено“, стои во една од анализите на тие што гледаат закана во протестите. Некои од нив пак повикуваат на финална политичка пресметка со судството, доуништување на СЈО и безмилосно чистење на „системот“ – со враќање на случајот со Модуларната болница во Тетово.

Најбрилијантна е пораката дека студентите треба да се вратат во клупите и дека немаат што да бараат на протестите бидејќи се „манипулирани и злоупотребувани  за создавање негативна политичка енергија кон власта и кон Панче Тошковски“, кои пак во куп текстови се величаат како добро и организирано одговориле по трагичниот настан, колку се покажало дека имаат пријатели во Европа и колку силно најавуваат дека ќе се пресметаат со корупцијата, со поента – дека има време за барање оставка од Тошковски, бидејќи и тој како Мицкоски треба да ја порази „мафијата“ и гнилиот коруптивен систем.

„Ова е момент за единство и заедничко дејствување, а не за политички напади, маркетинг и собирање ефтини политички поени. Ова е момент кога сите мораме да соработуваме за справување со последиците од трагедијата. Државата мора и може да докаже дека институциите можат да функционираат правично и одговорно. Ова е момент за сериозни промени и воспоставување на ред, поредок и правда во Македонија“, е приспивната песна со која треба се уверуваат граѓаните дека нѐ чека светла иднина и не треба да покажат револт поради тоа што им се случува. Па, уште им се кажува дека тие изливи на незадоволство треба да имаат фокус, но тој да не е политички туку против нечесните, а институциите да се остават на раат за да го направат „ремонтот“ и да работат со полна пареа, место да се занимаваат со „спорадични, неспонтани, инструирани од некого изливи на наводна граѓанска непослушност“.

Некои пораки за непротестирање се претворија и во поезија, како таа дека „дури и во војни, оружјата молчат додека не се упокојат телата на загинатите“, со препорака да не се протестира барем седум дена и со уверувања дека „овојпат“ ќе има и кривична и морална одговореност! Но, за таа одговорност не смее да решава „улицата“ и таа да дели „правда“ туку на институциите да им се даде шанса бидејќи овојпат се под притисок на јавноста… и такви приказни.

 
 

„Не било време за протести? Извинете… кога е? Кога ќе се заташка? Кога ќе се заборави?“ – беше контра реакцијата на социјалните мрежи на ваквите обиди да се спречи барањата за одговорност да стигнат и до највисоките ешалони на ВМРО-ДПМНЕ, која никогаш досега не призна одговорност и грешка, иако премиерот Мицкоски денес го тврдеше обратното. 

Пратеникот Игор Здравковски од Велес барем не се обиде да го сокрие тоа што го мисли со убави зборови, објавувајќи порака на социјалните мрежи до народот „да не паламуди“ за одговорности и такви работи. 

Ваквата нервоза, што се гледа  на сите прес-конференции на владините функционери, кои гласно се караат со новинари кога им поставуваат непријатни прашања, очигледно почнува да се менаџира со етикети, со тврдења дека се шират дезинформации, со притисоци за замолчување и со обиди да се влијае на јавното мислење. Но, може да е и момент на отрезнување на власта, во смисла дека и за нив заврши медениот месец со граѓаните и треба да се вратат на старите методи на контролирање, пред сѐ со пропаганда. Нервозата е оправдана бидејќи се зголемува бројот на граѓани кои сметаат дека ни ВМРО, како и СДСМ, не може да ја извади Македонија од кризата, бидејќи и тие се нејзин генератор, и дека единствен спас за нас е формирање експертска влада која ќе нѐ спаси од некадарните, нечесните и лакоми за пари елити што сега ја водат земјата. (Н.В.)