Се ограничува бројот на луѓе на собири во поширокиот регион на Атина

dav

Од денеска стапија во сила новите мерки за спречување на ширењето на коронавирусот во областа Атика, поширокиот регион на Атина, што ќе важат во следните 14 дена, а се однесуваат на бројот на лица на јавни и приватни собири, како и на промени во начинот на работата на вработените во приватниот и државниот сектор, јави дописничката на МИА од Атина.

Поконкретно, како што во петокот соопшти заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас, од денеска до 4 октомври, дозволено е собирање на најмногу девет лица на отворено и затворено, на свадбите, крштевките и погребите не смее да има над 20 лица, се откажуваат сите концерти и кино проекции во затворени сали, додека пак за 40 отсто од вработените во приватниот и јавниот сектор, онаму каде што е изводливо, задолжително е работење на далечина.

Се воведува и флексибилност во пристигнувањето и заминувањето од работа за вработените и во јавниот и во приватниот сектор, односно почетокот и крајот на работното време да не биде во исто време за сите.

Мерките се донесени поради тоа што од повеќе од половина од активните случаи во Грција, се во поширокиот дел на Атина.

Надлежниот министер упати препораката до оние што се над 65 години или припаѓаат на ранливите категории е во следните 14 дена да ги ограничат движењата, да избегнуваат користење на јавен превози, да избегнуваат контакти со други луѓе.

Паралелно, седум основни и средни училишта во различни делови на Грција се целосно затворени поради појава на случај на Ковид-19, а во 31 училиште, откажана е наставата за одредени одделенија или класови.

Согласно официјалните податоци од Националната организација за јавно здравје, од почетокот на епидемијата заклучно со вчера,  во Грција се регистрирани се 15.142 случаи на Ковид-19, а починаа вкупно 338 лица.