Се огласи разрешениот Кирацовски : Ја оправдав довербата од Заев


Генералниот секретар на СДСМ, Александар Кирацовски, кој вчера беше разрешен од функцијата, вели дека одлуките на претседателот Зоран Заев се за заедничко добро на партијата каде што имало висока свест, демократска култура, другарство, визија и, заемна доверба.

„Како поединци, не сме воопшто битни, кога станува збор за општото добро на граѓаните, на членството. Нашите функции и кариери, се помали од нашиот интегритет и подготвеноста да се ставиме во функција на повисоките, заеднички цели. Пораката од граѓаните беше веднаш прифатена уште при нејзина испорака и беше сосема доволна, целото раководство да ја понуди својата оставка, за да, согласно досегашното искуство, нештата ги промениме на подобро. И партијата и државата, преку прераспоредување, воведувајќи нови концепти на работа“, вели Кирацовски, кој беше обвинуван за непотизам и за голем број вработувања на негови блиски што се рефлектираше и врз рејтингот на партијата.

Тој им се заблагодари на претседателот Заев, за укажаната доверба која „сите заедно ја оправдавме“.

„Им благодарам на сите соработници, со кои соработката продолжува, за преданоста и доследноста, им благодарам и честитам за придонесот на досегашните потпретседатели на СДСМ, членовите на ИО и Организациониот секретар, на заменик-претседателката Шеќеринска за другарството и поддршката. И благодарам на сопругата и семејството за големата, огромна поддршка и поднесувањето на тешките, неправедни моменти кои доаѓаат од функцијата, која често пати знае да биде неблагодарна. И, голема благодарност до членовите на СДСМ, кои несебично се вложија во сите партиски активности, кои секојдневно ја градат и зацврстуваат нашата партија која значи многу за нашата Македонија“, заклучи Кирацовски.