Се огласи и Џес Бејли: „Уставните измени ќе ја засилат позицијата на Македонија“

Поранешниот амбасадор на САД вели дека и Преспанскиот договор, како уставните измени сега, бил критикуван на почетокот, но дека веќе никој не го спори позитивниот исход од него.


 

Поранешниот амбасадор на САД во Скопје Џес Бејли вели дека уставните измени се јасно решение за бугарското вето, но оти ќе биде разочарување ако има ново вето понатаму што ќе го закочи патот кон Европската унија.

Бејли, во интервју за Гласот на Америка на македонски, вели дека е оптимист оти земјата ќе влезе во ЕУ, но дека не може да каже кога тоа ќе се случи.

„Мислам дека САД би биле разочарани ако се случат натамошни постапки од ваква природа. Додека поминувате низ процесот и отворате поглавја, одредени земји ќе сакаат да се уверат дека самите критериуми се исполнети, така што ќе има и други прашања на патот. И затоа мислам дека е важно секое прашање да не се гледа како нелегитимно прашање меѓу земјите-членки, бидејќи тоа е дел од процесот. Тоа ќе биде долг процес да се помине низ некои од тие поглавја, особено за владеењето на правото. Земјата ќе биде под голем надзор, тоа е јасно, како и Албанија и другите. Но, сум оптимист. Мислам дека луѓето ќе видат дека ова ќе се случи. Но, не можам да кажам кога“, изјави Бејли.

Тој вели дека и Преспанскиот договор, како уставните измени сега, бил критикуван на почетокот, но дека веќе никој не го спори позитивниот исход од него.

Следната недела, на 17 јуни, се одбележуваат пет години од потпишувањето на Преспанскиот договор, со кој државата го промени името во Северна Македонија, а следната година стана членка на НАТО.

На прашањето дали Преспанскиот договор разочара во однос на европската перспектива, тој рече:

„Не мислам дека потфрли во однос на перспективата, бидејќи Преспа секако беше со Грција и нејзината блокада конкретно навистина повеќе за во НАТО. Таму почна. Но, очигледно, тој беше дизајниран да го постави патот кон ЕУ. Вие сте во ситуација која е тешка. Тоа е фрустрирачки. Но, мислам дека ако земјата продолжи по својот стратешки пат, колку и да е тоа тежок, таму има подобра иднина. Мислам дека е важно да се задржи таа поширока визија, како што разгледувате некои краткорочни прашања кои можеби изгледаат многу тешки, но на крајот, како и со многу одлуки во животот, кога ќе ја направите таа одлука, се покажува дека сепак не била толку лоша“.

Тој вели дека уставните измени ќе ја засилат позицијата на државата, а проблем на Бугарија е тоа што не го признава македонското малцинство и покрај пресудите на Судот во Стразбур.

„Тие имаат свој систем. Јас не гледам зошто некој не би препознал група во земјата. Не знам. Секоја земја има различни начини да го прави тоа. Северна Македонија е многу инклузивна земја во тој поглед, и отсекогаш била, и мислам дека уставниот амандман предложен во моментов само го зголемува тоа, така што ако Бугарија одлучи да не го прави тоа, добро, тоа е нејзин проблем“.

Ако државата сега не ги почне преговорите, не е јасно колку долго дополнително ќе биде одложено пристапувањето во ЕУ, вели тој.

Сепак, според него, реформите ќе бидат клучни за влез во ЕУ, а корупцијата нема да може да се реши со магична санкција од САД.

„Мислам дека во крајна линија она што ќе ја зајакне борбата против корупцијата во земјата се постапките на судството и институциите во Македонија во борбата против ова. Можеби американските санкции или можеби назначувањата можат да помогнат во тој поглед, но, на крајот на денот, граѓаните на земјата и институциите во земјата ќе треба да се борат против ова. И така, не е дека ќе има некоја магична санкција што доаѓа однадвор и одеднаш ќе ги реши проблемите. Тоа не може да обезбеди доверба во институциите. Институциите мора да ја заслужат“.

Но, Бејли вели дека гледа напредок од времето на владата на Никола Груевски.

„Мислам дека ако направите споредба кога пристигнав во Скопје во 2015 година, кога излегуваа таканаречените бомби, кога се појавуваа многу информации за владата на тогашниот премиер Никола Груевски, и кога гледате што се случуваше тогаш и потоа – имало судења од висок профил, имало некои сериозни истраги за корупција, видовте дека некои судски актери се судени за злоупотреба на системот. Значи, видовте одреден напредок. Дали е совршено? Апсолутно не. Има некои прашања додека зборуваме за судскиот систем и така натаму. Потребна е транспарентност и одговорност“, рече тој.

Тензиите меѓу Косово и Србија се причина за загриженост и можат да разгорат безбедносни проблеми, вели тој, но членството на Северна Македонија во НАТО „ја прави таа ситуација да не биде толку акутна како што можеше да биде инаку“.

„На крајот, кога ќе погледнам пет години наназад, Преспа ми изгледа како добар договор. Северна Македонија е во НАТО како што беше предвидено откако го реши проблемот, нејзините односи со Грција се значително подобри, вклучително и во важни области како што е енергијата, а сега Македонија е опкружена со соседи, кои се нејзини цврсти сојузници во безбедносната алијанса. Тоа е многу поинаква ситуација од онаа што ја имавте во 2018 година“.