Се одложуваат двете изведби на „Глумците пеат“ закажани за април во МНТ


Поради пожарот во дискотеката во Кочани во кој загинаа 59 луѓе, се одложуваат двата шоуа „Глумците пеат“, кои требаше да се одржат на 8 и 9 април во Македонскиот народен театар (МНТ), објавија организаторите.

„Ова шоу постои за да носи радост и заедништво, но во моментов, никој од нас нема сила за тоа. Новите датуми ќе ги објавиме наскоро. Купените влезници ќе важат за новите термини. Ви благодариме на разбирањето“, велат организаторите.

Култни филмови со кои пораснале многу генерации ќе бидат тема на „Глумците пеат“. Најавени се околу 25 точки со различна приказна.

Ова е трето возобновено издание на манифестацијата која ја создаде актерот Марин Бабиќ, кој почина во октомври 2022, а неговите ќерки Маја и Ира Бабиќ ја организираат во негова чест. Во 2023, „Глумците“ се вратија на сцената по 17 години пауза.