Одложено е примопредавањето на донацијата вакцини од Србија, потребна е дополнителна документација


Заради неопходна дополнителна техничка документација се одлага примопредавањето на вакцините од Србија за Северна Македонија, соопштија доцна вечерва од кабинетот на српскиот претседател Александар Вучиќ, јави дописникот на МИА од Белград.

Примопредавањето на вакцините ќе биде реализирано во наредните денови.

Првично беше договорено примопредавањето на донацијата на вакцини од Србија да се изврши во текот на утрешниот ден, од српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерот Зоран Заев, на граничниот премин Табановце.

Информацијата ја потврдија од македонската Влада.

– Ве известуваме дека заради потребата од усогласување на техничка документација околу доставувањето на вакцините, настанот кој беше најавен за утре, 11.02.2021 година (четврток), на граничниот премин Табановце се одложува за друг датум следните денови, за што дополнително ќе информираме, се наведува во соопштение од Владата до медиумите.
 
Антиковид-вакцините на „Фајзер“ кои ни ги отстапи Србија, а неколку недели чекаа на одобрение од производителот за да влезат во земјава ќе бидат првите 8.000 со кои и кај нас ќе почне имунизацијата.

Во текот на следните денови се очекува и испорака на нови 200 илјади дози на вакцини од Кина, за кои беше потпишан договор во понеделникот.