Се обновуваат повеќе тротоари во Острово и Мичурин


Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, денеска ја посети Општина Аеродром, каде интензивно се работи на реализација на инфраструктурни проекти финансирани преку првиот владин повик за поддршка на општински проекти, информират од Министерството за локална самоуправа.

Во оваа најбројна скопска општина, велат, во тек е санација и рехабилитација на скверот зад ТЦ „Капитол“, се обновуваат тротоарите на улица „23 Октомври“ во населбите Острово и Стар Аеродром, а од денеска започнале да се реконструираат и тротоарите на улица „Анастас Митрев“ во населба Мичурин. Министерот Перински заедно со градоначалникот Дејан Митески, посетиле дел од локациите каде се одвиваат градежните зафати и констатираа дека изведбата на терен се одвива непречено.

-Согласни беа дека обновата на тротоарите ќе придонесе за зголемена безбедност и комфор за пешаците и дека интервенциите се доказ за посветеноста да се работи на решенија кои го подобруваат квалитетот на секојдневието на жителите, користејќи ја поддршката од централната власт на ефикасен и одговорен начин, велат од Министерството.

На Општина Аеродром, појаснуваат, на првиот владин повик одобрени и биле девет проекти, а на вториот, Општината веќе поднела апликативни формулари за шест проекти.

Министерот Перински при теренската посета на Аеродром истакнал дека градежниот бум во општината е потврда дека партнерството меѓу централната и локалната власт не е само административна формалност, туку двигател на вистински промени.

Тој бил дециден дека синергијата ќе продолжи, уште поинтензивно, уште поцврсто, затоа што преку соработка и меѓусебна поддршка се создаваат услови за траен и одржлив развој на општините и подобар живот за граѓаните.

Утре домаќин на иницијативата „Каде што срцето е дома“ ќе биде Општина Центар, во чии рамки министерот ќе одржи средба со градоначалникот и членовите на општинскиот Совет.