Се набави тешка механизација за депонијата Русино – кога ќе стане европска, којзнае?
Годинава ќе се случува зелениот пресврт што ќе се гледа на терен – во инфраструктура, во стандарди и во резултати, рече министерот за животна средина и просторно планирање Мухамет Хоџа на промоцијата на тешка механизација набавена во рамки на Регионалниот проект за управување со цврст отпад во депонијата Русино, близу Гостивар. Тој во обраќањето посочи дека со оваа набавка започна реален пресврт во управувањето со отпадот во Полошкиот регион.
– Со воспоставувањето на овој систем, конечно ставаме крај на импровизациите и почнуваме трајно да го решаваме проблемот кој со децении ги мачи граѓаните на Гостивар, Тетово и сите населени места во овој регион. Немаме повеќе време за делумни решенија што не решаваат ништо. Модерниот регионален систем за отпад значи крај на дивите депонии и почист Полог. Затоа, 2026 година е година кога зелениот пресврт ќе се гледа на терен-во инфраструктура, во стандарди и во резултати – рече Хоџа
Тој кажа дека во тек е подготовка на проектна и тендерска документација за рехабилитација и проширување на депонијата Русино. Министерот Хоџа потенцира дека со заем обезбеден преку Европската банка за обнова и развој, и со поддршка од SECO, WBIF и Владата на Шведска преку СИДА започната е најголемата инфраструктурна реформа во секторот отпад.
На пригодната церемонија присуствуваа и повеќето градоначалници од полошкиот регион и раководители на комуналните претпријатија.
Амбасадорот на Швајцарската Конфедерација, Кристоф Зомер во обраќањето на церемонијата напомена дека Швајцарија ги поддржува подобрувањата во услугите за управување со отпад во Полошкиот регион
– Остануваат уште неколку важни задачи за успешно да се заврши втората фаза од проектот. Најпрво би требало техничката документација и тендерската документација за реконструкцијата на депонијата Русино да бидат изработени и работите да бидат тендерирани до септември 2026 година. Веќе во март 2026 година, тендерот за работите на трансфер станицата во Тетово би требало повторно да биде објавен. Уште една задача за во март: тогаш ќе треба да се објави тендерот за набавка на камиони, контејнери и канти за целиот Полошки регион – рече Зомер
Швајцарија за подобрувањата во услугите за управување со отпад во Полошкиот регион уште од 2018 година помогна со 1,9 милиони швајцарски франци. Зомер посочи дека и сега го кофинансира проектот заедно со Европската банка за обнова и развој и Инвестицискиот фонд за Западен Балкан со дополнителни 9 милиони швајцарски франци, со што, како што рече се поддржува институционалната компонента и рехабилитациските работи за локацијата на депонијата Русино.
Градоначалникот на Општина Гостивар, Ваљбон Лимани искажа голема благодарност за поддршката и напомена дека локалната самоуправа ќе помогне во подоброто управување со отпадот.
– Оваа инвестиција претставува конкретен чекор кон подобрување на управувањето со отпадот во нашата општина. Со години, депонијата Русино претставуваше предизвик поради високиот прилив на отпад и ограничените технички капацитети. Со оваа нова опрема ја зголемуваме оперативната ефикасност, го подобруваме еколошкиот надзор и го намалуваме ризикот од загадување на почвата, водата и воздухот, рече Лимани.
Градоначалникот на Општина Тетово, Биљал Касами во обраќањето напомена дека опремата што се промовира денеска значително ќе го зголеми оперативниот капацитет на депонијата Русино и ќе овозможи спроведување на еколошки практики според европските стандарди.
– Ова значи помалку загадување, побезбедна животна средина и подобар квалитет на живот за нашите граѓани. Како Општина Тетово, го гледаме овој проект како дел од поголема визија. Чисто Тетово не е само прашање на естетика. Тоа е прашање на јавно здравје, граѓанска одговорност и почит кон генерациите што доаѓаат, рече Касами.
Проектот за набавка на тешка механизација е реализиран со поддршка од Министерството за животна средина и просторно планирање, Владата на Република Северна Македонија, Амбасадата на Швајцарија во земјава, како и со стратешко финансирање од Европската банка за обнова и развој, со вредност од 1.114.200 евра.
Оваа активност е дел од пошироката инвестиција од 55 милиони евра со која започна најголемата инфраструктурна реформа во секторот отпад во државата.
Во следната фаза е предвидена инвестиција од околу 14 милиони евра за рехабилитација и проширување на депонијата, што вклучува изградба на нови депониски ќелии, систем за управување со исцедок и биогас и затворање на постојната депонија.