Се јави и Захариева, со „мракобесие“ не се влегувало во ЕУ

„Нов напад врз бугарски државјанин во Северна Македонија – претепан секретарот на бугарскиот клуб во Охрид, Христијан Пендиков. На социјалните мрежи се шири и список на други Бугари со повици за самодеструкција. Долго време предупредувавме до што може да доведе владината политика која влева дискриминација, омраза и поделби“.
Вака напиша поранешната министерка за надворешни работи и пратеничка на ГЕРБ Екатирана Екатерина Захариева по повод претепувањето на Бугаринот од Охрид, Христијан Пендиков.
„Не знам колку пати треба да се предупредат политичарите во Северна Македонија дека тоа не е патот до Европската унија. Бугарија не може да прави компромиси кога се води жестока и апсолутно неоснована кампања против се што е бугарско“, напиша таа и нагласи:
„Неопходно е Скопје јасно и категорично, со дела да покаже дека ја остава во минатото мракобесната југокомунистичка идеологија која ја создаде македонската нација врз основа на омраза кон Бугарија. И за почеток, очекуваме брзи и бескомпромисни дејствија против сторителите на ова тепање“.
Очекувано, се јавија и сите бугарски сателитски здруженија во Македонија кои ја обвинија власта дека е дел од сценариото околу претепувањето, па и ја обвинија за неспособност.
„Од вашиот став е јасно дека давате премолчена согласност за секојдневните напади, навреди, инсинуации, медиумско малтретирање и институционални пречки… и во крајна линија физички напади врз лица кои припаѓаат на македонската бугарска заедница. Доста често, предмет на напад се и целосно аполитични граѓани кои едноставно случајно им се нашле на патот на псевдопатриотите. Наша оценка е дека оваа атмосфера на неизвесност ви е згодна поради вашата неспособност, па во отсуство на позитивни резултати во сферата на вашите должности, прибегнувате кон старите и познати мерки од минатото – ние мора да ја заштитиме нашата земја! Еден од овие резултати видовме вчера во Охрид. Некои од вас беа таму, сите богобојазливи и исполнети со мир.
Сакаме да нагласиме дека иако токму поради вас имаме длабоки резерви за професионалноста на институциите што ги раководите, нема да дозволиме времето да ги ‘реши проблемите‚, туку сериозно ќе се залагаме за правото на лична безбедност, дом и имот.Бидете сигурни дека ќе побараме помош и поддршка од меѓународните организации кои се занимаваат со човековите права и слободи. И верувајте дека тие ќе бидат целосно запознаени со вашето разбирање за истото во Република Северна Македонија“, се заканија од овие организации.