Се исекоа 13 дрвја на „Орце Николов“, оти биле стари и болни
Екипи на ЈП „Паркови и зеленило“, утринава отстрануваат 13 дрва на улицата „Орце Николов“, на потегот од раскрсницата со улица „Ленинова“ до раскрсницата со улица „Рузвелтова“.
– Дрвата кои се отстрануваат се стари и болни, со трули стебла, чии гранки удираат во станбените објекти кои се наоѓаат на улицата и претставуваат опасност за минувачите – вели градоначалникот на Општина Цента, Саша Богдановиќ.
Појаснува дека, отстранетите дрва наскоро ќе бидат заменети со нови, висококвалитетни садници од видотјЈавор, кои од наесен дополнително ќе го красат новиот лик на улицата „Орце Николов“.
Но, ова објаснување не е доволно за скопјани. Тие се гневни што се сече уште едно старо и добро разгрането зеленило.
На социјалните мрежи може да се прочитаат безброј коментари, кои сведочат за незадоволството на граѓаните. Улицата „Орце Николов“ пред неколку недели почна да се реконструира, а се најавува дека ќе биде попристапна за пешаци и велосипедисти.
И од зелената партија ДОМ бараат веднаш да престане дрвосечата.
„Зошто е направен овој „масакар“ врз дрворедот? Да не забораваме дека на вака „зацементиран“ град каде што се случува урбанистички хаос, секој ваков дрворед е важен за благостостојба на граѓаните и на животната средина“, потсетуваат од таму.
Кога се најавуваше реконструкција на улицата Богдановиќ рече дека во проектирањето на улицата водено е сметка за сите дрвја, да не се отстрани ниту едно, а меѓу нив да се организира паркирањето. Коловозната лента ќе се намали на 6 метри, а за сметка на намалувањето ќе се изведат велосипедски патеки во должина од 2.400 метри и пешачки патеки од 2.200 метри, рече тогаш Богдановиќ.