Се гради плоштад до салата „Расадник“
Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска денеска информираше дека во финална фаза е изградбата на новиот сквер пред спортската сала „Расадник“, кој се протега на површина од 4.535 квадратни метри.
„Овој значаен проект за нашата општина го реализираме со средства од Владата на Република Македонија, како дел од инвестициите за капитални проекти во општините. Просторот пред салата го трансформираме во прекрасно и современо урбано катче преку поплочување со травертин, изградба на светлечка фонтана, поставување на нови клупи и ново осветлување“, посочи Стаменкоска Трајкоска.
Таа исто така додаде дека комплетната слика наскоро ќе биде надополнета и со богато хортикултурно уредување кое вистински ќе го оплемени плоштадот и на тој начин конечно ќе ја заокружеле функционалноста и ликот на Кисела Вода целиот спортски комплекс.
„Министерството за спорт, во соработка со Општина Кисела Вода, веќе ја привршува темелната реконструкција на самата сала, додека ние паралелно партерно го уредуваме просторот околу неа. Заеднички создаваме вистинско место за одмор, дружење и гордост на сите генерации! Продолжуваме посветено – за нашата Кисела Вода“, истакна градоначалничката.