Се градат улици, фекална канализација со пари од унгарскиот кредит во Илинден

Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски денеска најави значајни инфраструктурни проекти со цел подобрување на сообраќајната поврзаност и животниот стандард на граѓаните. Тој денеска беше домаќин на премиерот Христијан Мицкоски и министерот за локална самоуправа Златко Перински, кои во рамки на теренските посети на општините „Каде што срцето е дома“ во организација на Министерството за локална самоуправа, присуствуваа на отпочнување со реализација на проектите во оваа општина.
Во текот на посетата беше означен почетокот на изградбата на три инфраструктурни проекти. Два од нив, изградба на две улици и армирано бетонски плочаст мост над одводен канал, се финансирани со средства од државниот Буџет, одобрени на првиот јавен повик за финансиска поддршка на инфраструктурни проекти. Третиот проект, изградба на дел од новопроектирана улица е проект финансиран од општинскиот буџет.
„Општина Илинден започна неколку битни проекти, при што градиме три улици и мост, во вкупна должина од 1150 метри. Се работи за инвестиција од преку 40 милиони денари, од кои најголемиот дел од средствата, над 70 проценти се обезбедени од Владата, а околу 30 проценти кофинансира општината. Населеното место Јака е прилично нова населба, која што интензивно се гради и со тој интензитет планираме да продолжиме и во иднина. Токму овие улици и овој мост ќе обезбедат уште еден нов влез кон населбата, кој ќе го растовари сообраќајот, но и ќе ги подобри условите за живот на самите граѓани што живеат тука, па дури и во целата општина. Во таа насока сакам да изразам голема благодарност до Владата за поддршката што ни ја дава, и конкретно на премиерот, затоа што со претходниот повик кој што заврши, освен овие проекти, исто така започнуваме со изградба на фекална канализација во Кадино, како дел од втората фаза. Таму веќе се одвива првата фаза со средства од општината, а втората фаза е со средствата на Владата“, изјави Георгиевски.
Како што напомена, треба да започне и реконструкцијата на патниот правец Мршевци-Бујковци во должина над 1000 метри, што исто така се финансира со средства од претходниот повик на Владата.
„Со новиот повик што Владата го овозможи минатиот месец, Општина Илинден веќе достави шест апликации, проследени со проектни документации. Очекуваме во наредниот период после проверките од страна на Владата, да бидеме повикани, да ги потпишеме договорите со цел да ја фатиме градежната сезона во 2025 година и тие проекти што се аплицирани да можеме да ги имплементираме побрзо со цел поквалитен живот на нашите граѓани“, рече градоначалникот.
Додаде дека Општина Илинден е во сериозна градежна офанзива. Моментално се гради на 13 локации, се работи на фекални канализации, улици, стадиони, здравствени домови.