Се дупчи и испитува почвата за автопатот Прилеп-Битола
Автопатот ќе биде граден така што ќе се прошири сегашниот пат во правецот Битола-Прилеп од десната страна
БИТОЛА – Се дупчи почвата на неколку позиции покрај патот Прилеп-Битола каде треба да биде изграден автопатот во Пелагонија. На терен затекнавме поставена механизација која прави бушотини во земјата како дел од подготвителните работи и геотехнички истраги.
Вработените од ЈП за државни патишта кои денеска беа на терен потврдуваат дека испитувањата се започнати и дека се работи извесен период наназад.
Автопатот ќе се гради со проширување на сегашениот магистрален пат Битола-Прилеп ќе биде помеѓу кое ќе биде кон стариот пат за Прилеп. Ако се движите од правецот на Битола кон Прилеп проширувањето ќе биде од десната страна на коловозот и е многу блиску до стариот пат, на само неколку метра.
Делот каде што треба да се прошири патот за да биде автопат е исполнет со ниви, меѓи, канали и дрвја, а на повеќе позиции се приклучуваат и земјени селски патишта. Стариот пат е понизок од сегашниот пат Битола-Прилеп по кој се одвива сообраќајот.
Новото модерно автопатско решение од Прилеп кон Битола ќе биде во должина од 39,3 километри. Автопатската делница е дел од коридорот 10д.
Според најавите на министерот Благој Бочварски оваа автопатска делница е приоритетна за Прилеп, за Крушево, за Битола, Могила, Новаци, Ресен и за сите останати од Пелагонија кои живеат или транзитираат од тука и ќе значи развој на Пелагонискиот регион.
Овој автопат ќе се надоврзе на новиот експресен пат Прилеп-Градско кој е во градба, како и поврзување со патот од Битола до грчка граница, кој е во завршна фаза на рехабилитација.
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми информираше дека на сите планирани траси на Коридите 8 и 10д непречено се одвиваат геомеханички испитувања, а до проектната единица веќе се доставени инфраструктурни проекти речиси за сите делници.
„Доставени се и елаборати за експропријација за Тетово-Гостивар и Гостивар-Букојчани, а се очекуваат и елаборатите и за Прилеп-Битола“, изјави директорот Рустеми пред два месеца кога заедно со премиерот Димитар Ковачевски и претставници на „Бехтел и Енка“ беа на локација на патот Прилеп-Битола каде се вршеше минирање за изведбата на овој патен правец.