Се чисти патот за новиот еврокомесар за проширување, Вархеи ќе си бара друга фотелја

Според она што се дознава од Брисел, идниот комесар за проширување можно е да дојде од Шведска (Џесика Росвал). Други заинтересирани се Австрија, Грција и Полска


 

На средината на септември претседателката на Европската комисија, Урсула фон Дер Лајен, ќе ги престави кандидатите за нови еврокомесари во Брисел и, што е поважно – ќе им ги престави и ресорите. Она што е важно за нас е кој ќе биде идниот еврокомесар за проширување, дали ќе дојде од влијателна земја членка на Унијата, дали ќе дојде од земја со која Македонија има спор околу билатерално прашање, дали ќе дојде од земја која има специјални интереси кон друга држава или од земја која има други интереси криејќи се зад овој ресор во Европската комисија? 

Според она што циркулира во Брисел деновиве, јасно е дека Оливер Вархеи може само да сонува за втор мандат за оваа позиција, иако неговиот „работодавач“, премиерот на Унгарија Виктор Орбан, се обидува по вторпат да ја добие истата фотелја.

За разлика од 2019 година, кога ресорот проширување никој не го сакаше и беше некој вид позиција за пропаст, геополитичките околности се сменија, а се разоткрија и вистинските намери на некои земји членки, а пред сѐ на Унгарија, која иако навидум беше силен поддржувач на проширувањето, според сите оценки во Брисел, го искористи ресорот за да го шири својот модел на квази демократија и да ја јакне оската на авторитарни режими во Европа. Освен што никој не верува веќе во добрите намери на Унгарија, освен што не можат да ѝ го простат на Будимпешта престројувањето кон Русија и ширењето на нејзиното влијание во Европа, и Вархеи лично е на листата на најнеомилени политичките преставници во Брисел поради туркањето на своја  агенда во однос на Србија и Република Српска, наспроти блокирањето на Украина, како и поради политичката задртост која ескалираше кога ги нарече идиоти европарламентарците.диоти.

Иако Вархеи е повторно кандидат за втор мандат, има најави дека неговиот избор може да биде отфрлен во Европскиот парламент. На последните сослушувања во 2019 година дури три кандидати не добија одобрување од европратениците да бидат еврокомесари. 

 

Она што е различно од минатите формирања на европските комисии е дека, по неколку мандати маргинализирање на овој ресор (практично по заминувањето на Гинтер Верхојген и по големото проширување на ЕУ), сега се најавува дека тој ќе биде еден од најважните, па и на ранг на еврокомесар и потпретседател на ЕК, поради геополитичкото значење на овој процес откако Русија ја започна војната во Украина.

Затоа, последните два месеци во Брисел се кристализираа критериумите за идниот еврокомесар за проширување, при што доста е веројатно дека овој ресор ќе се подели на два – еден само за проширување и еден за соседска политика. Па така, иако името на идниот еврокомесар не се знае, се црта неговиот портрет, според кој тој не смее да дојде од земја што има проблем самата со владеењето на правото, демократијата или авторитаризмот, односно не е пример за ЕУ, дека не смее да дојде од земја која има билатерален спор со некоја од земјите кандидати за членство  (така практично отпаднаа околу оваа позиција Бугарија и Грција), да не е од земја што не го признава Косово (има пет такви), да важи како чесен и фер промотор на агендата, да не е од источна земја, бидејќи шефицата за надворешна политика Каја Калас е од Естонија, и да има личен кредибилитет.

Очекувањата се дека тој што ќе седне на оваа фотелја ќе мора да се справува со неопходните институционални  реформи во ЕУ за да може да се проширува, да ги поздава добро регионите на земјите кандидати, да биде доволно политички вешт да турка разни нивоа на членство и да го остварува Планот за раст.

Според она што се дознава од Брисел, иако функцијата ја посакувале повеќе земји, по ваквите критериуми и по пораката на Лајен дека ќе избере посветен еврокомесар за проширување, можно е тој да дојде од Шведска (која ја предложи како свој кандидат Џесика Росвал, министерка за ЕУ прашања), бидејќи другите што сѐ уште се споменуваат како заинтересирани се Грција, Полска и Австрија.

Грција сега ја бара фотелјата за транспорт и комуникации, Полска се гледа како проблематична  поради внатрешните политички процеси и поради епизодата со блокирање на земјоделските производи на Украина, додека Австрија се перцепира како кандидат кој сака да промовира свои бизнис интереси во регионот, место геополитички. Екатерина Захариева, пак, како кандидат на Бугарија од ГЕРБ  има големи шанси да биде отфрлена од Брисел, а и да не биде, може да смета на ресор кој нема којзнае каква допирна точка со нашата држава. 

Најавите се дека сослушувањата на еврокомесарите ќе се случат во втората половина на септември и во октомври, а на функцијата треба да стапат од 1 декември. Една од главните цели на новата ЕК ќе биде да се врати кредибилитетот на проширувањето, бидејќи постои огромен скептицизам околу овој процес во земјите од Западен Балкан, така што не е „мотор“ за реформи. Според аналитичарите во Брисел, сигнал за сериозноста на ЕУ ќе биде ако во новиот буџет се определат пари и за оваа цел, ако се стави сериозно на маса прашањето за ветото и ако почне институциопналното прилагодување за повеќе земји членки.

Проценките се дека Украина ќе ги почне преговорите за членство по скрининг процесот кој треба да заврши во првата половина на 2025 година,  а Црна Гора ќе затвори неколку поглавја – првпат по 2017 година. За Албанија исто така се проценува дека ќе ги почне преговорите есенва, додека за Македонија сите се уверени дека ништо суштинско нема да постигне до крајот на оваа година, бидејќи не се обидува да ги спроведе уставните реформи. Со Орбан како главен надворешно-политички партнер на владата прашање е дали некој воопшто го сака тоа со нас, бидејќи целиот концепт на проширувањето сега има друга цел – да се консолидира ЕУ околу демократските вредности и против Русија.

Колку и да звучат претерано или веќе видено ваквите најави, општ впечаток во кулоарите во Брисел е дека проширувањето стана безбедносен и геополитички императив и дека нема да им се повтори грешката со Клод Јункер во 2014 година – кога прогласи крај на приемот на нови земји членки додека тој е претседател на ЕК, или 2019 година – кога Лајен воопшто не го спомна во приоритетите на нејзината Комисија.  Имајќи го искуството со Вархеи, исто така, ЕУ не сака да ја пополни оваа позиција со некој во кој автократите од регионот ќе препознаат „партнер“ во изигрувањето на владеењето на правото и други стандарди на Унијата.