Се чистат дивите депонии во Скопје


 
Градоначалникот на Град Скопје, Данела Арсовска изврши увид во активностите за интензивно расчистување на дивите депонии во општините Бутел, Сарај и Карпош.
Градот Скопје веќе почна со чистење на мапираните диви депонии низ населените места на повеќе локации во Град Скопје.
 
– Од првите денови од мандатот работиме на реализација на проектите чии што рок на имплементација се токму 82 дена, а чистење на дивите депонии е еден од клучните приоритети. На дел од овие локации се предвидуваат нови зелени површини, а скопјани ќе добијат чиста, зелена и модерна европска метропола – изјави Арсовска при денешната контрола на активностите на терен.
 
Со санацијата на дивите депонии на подрачјето на Скопје каде вообичаено се согорува отпад, значително ќе се придонесе за намалување на аерозагадувањето, како и ќе се елиминира потенцијалната опасност од загадувањето на подземните води и почвата.
Истовремено, во соработка со другите градски општини, денеска на терен се чистат депониите во општините Гази Баба, Кисела Вода и Ѓорче Петров.
 
Дополнително, во соработка со здруженијата и граѓаните ќе се мапираат дополнителни локации на кои во моментов постојат диви депонии со цел нивно отстранување и санација.
 
И Ѓорѓиевски расчистува во Кисела Вода
 
Она што до сега беше познато како депонија на местото викано ,,Дупки”, наскоро ќе стане посакувано место за одмор и рекреација, тврди градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски .
 
На ова место треба да никне зелен парк на површина 4.000m2 со детски игралишта, катче за пензионери, патеки за прошетка и рекреација и уште многу други содржини.
 
– Денес бев на увид на местото каде што се изведуваат градежните работи за расчистување на депонијата. Чистењето се одвива со одлично темпо и многу наскоро тука ќе започне со изградба на паркот. А веднаш после „Дупки”, стартуваме со градежни активности на друга депонија во општината. И таму ќе направиме парк – ветува Ѓорѓиевски