Обдукцијата на Вања и Панче е завршена, наодите ќе дадат одговори на многу прашања
Тројцата од групата што ги стори убиствата кои ја потресоа Македонија и регионов се во притвор, како и таткото на Вања Ѓорчевска
Обдукцијата врз телата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски во Институтот за судска медицина и криминалистика е завршена, но извештаите сѐ уште не се готови, потврдија од Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство Скопје за МИА.
Извештајот од обдукцијата треба да ги утврди причините за смртта на малолетничката Вања и велешанецот Панче кои беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември, по нивното пријавување за исчезнување на 27, односно 24 ноември годинава.
Во 48-часовен притвор за овие случаи во моментов се Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски, кои се дел од партијата Десна на првоосомничениот, Љупчо Палевски – Палчо, кој е во бегство и надвор од државата и за кого е донесена наредба за спроведување истрага и издадена е меѓународна потерница.
Четириесет и осумчасовен притвор за таткото на Вања Ѓорчевска, откако претходно таква мерка им беше изречена и на тројца осомничени, но и почеток на официјална истрага и покрената меѓународна потерница за првоосомничениот Љупчо Палевски е епилогот од вчерашниот ден во врска со грозоморното убиство на 14-годишното девојче и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес, кое ја потресе јавноста во земјава, но и во регионот. Се чекаат наодите од обдукцијата и од преземените биолошки траги, за МВР да излезе со соодветна кривична пријава против осомничените, по што Јавното обвинителство ќе отвори истрага за сите инволвирани.
Скопскиот Кривичен суд синоќа го прифати предлогот на Основното јавно обвинителство и определи краткотраен притвор од 48 часа за таткото на Вања, Александар Ѓорчевски. Како што наведуваат од Кривичниот суд, притворот е определен заради опасност од бегство и влијанија врз сведоци.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и скопскиот јавен обвинител Гаврил Бубевски вчера на прес-конференција ја образложуваа инволвираноста на таткото на Вања во случајот. Имено тројцата претходно приведени на истрагата ѝкажале дека тој му ги дал информациите на Палевски во врска со движењето на неговата ќерка, за излегувањето од дома, маршрутата на нејзиното движење и други детали од нејзиното секојдневие.
Во 48-часовен притвор за злосторството, додека не се обезбедат дополнителни докази, се и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски, кои се дел од партијата на Палевски, кој е во бегство и надвор од државата.
Четворица приведени имаат ваква куса мерка од 48 часа додека МВР да ги поднесе кривичните пријави до обвинителството за убиствата на Вања и Панче. Доколку се утврди дека станува збор за организирана група која изнудувала пари заедно со главниот осомничен Палевски, тогаш случајот може да го преземе Обвинителството за гонење организиран криминал.
Претходно вчера, Кривичниот суд на предлог на скопското Основно јавно обвинителство донесе наредба за спроведување истрага против Љупчо Палевски, којшто е посочен како организатор и реализатор на убиствата.
„За осомничениот кој е во бегство по итна постапка е донесена Наредба за спроведување истрага за кривични дела – Грабнување од член 141 и Убиство од член 123 од КЗ. Јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице. Судот го прифати предлогот и донесе решение со кое притворската мерка ќе започне да се спроведува веднаш по неговото пронаоѓање и лишување од слобода“, стои во соопштението од Јавното обвинителство.
Министерството за внатрешни работи вчера распиша и меѓународна потерница по Палевски.
Поради поставени прашања од поголем број медиуми во врска со тоа какви пријави досега се поднесени против Палевски во претходниот период, МВР вчера информира дека во 2019 година е поднесена кривична пријава за неовластено прислушкување и тонско снимање, а во текот на 2019 година поднесени се прекршочни пријави поради омаловажување на полициски службеник.
Во 2020 година е поднесена кривична пријава за недозволено држење на оружје или распрскувачки материи и непостапување според здравствени прописи за време на епидемија. Во 2005 година е поднесена кривична пријава за злоупотреба на службена положба и овластување и посебни случаи на фалсификување исправа, во 2002 година за лажно пријавување на кривично дело, а во 2000 година за даночно затајување, соопшти МВР.