Се бараат автори кои ќе напишат учебници за осмо одделение, ќе добијат по околу 6.000 евра


Министерството за образование и наука (МОН) објави конкурс за издавање на учебници во деветгодишно основно образование. Се бараат автори по речиси сите наставни предмети за осмо одделение, кои треба да се прават согласно Концепција за деветгодишно образование.

Инаку, учениците кои учат по нови наставни програми од септември ќе бидат седмо одделение, што значи дека учебниците за осмо одделение се прават на време, за да нема доцнење, како што имаше минатата година.

За секој автор чиј учебник ќе биде избран и испечатен, МОН ќе исплати 355.878 денари за откупување на авторското право.

„Конкурсот е јавен, отворен и анонимен. Може да учествува автор на ракопис за учебник само со еден ракопис за учебник за еден наставен предмет. Автор на учебник не може да биде лице вработено во МОН или во органите на МОН. Ракописот за учебник се изработува според наставниот план и програми за соодветното одделение, предмет и Концепцијата за учебник за основно и средно образование. Ракописот се доставува во печатена форма во 5 (пет) ликовно и графички разработени и јазично уредени примероци (3 примероци во боја и 2 црно бели), изработени според наставниот план и програми за соодветното одделение, предмет и Концепцијата за учебник за основно и за средно образование“, наведено е во конкурсот.

Инаку, ракописот за учебник не смее да содржи фотографии, илустрации и содржини превземени од трети лица за кои авторите немаат овластување за користење. Се доставува и во електронска форма (USB).

Исто така, МОН деновиве постојано објавува повторни повици за изработка на учебници, најчесто по предмети од средното стручно образование. Причината за повторните повици е тоа што речиси никој не се пријавува да напише учебник, па во меѓувреме учениците учат од стари учебници од преводи, диктати, скрипти и слично.

Она за што најчесто авторите негодуваат и го наведуваат како причина што немаат интерес да се пријават, е што парите за ракописите МОН не им ги исплаќа наеднаш, туку им исплаќа по околу 1.000 евра годишно. А ако се случи поради некоја причина, одобрен учебник кој се користи во наставата, да биде повлечен од употреба, тогаш авторот е должен да врати дел од сумата која ја добил за учебникот.

Лани на 4 септември, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), одлучи да поднесе тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес против Министерството за образование и наука (МОН), поради тоа што на стартот на учебната година недостасуваше речиси една третина учебници за учениците во основното образование. Од вкупно 126 учебници потребни за сите задолжителни и изборни предмети во деветгодишното основно образование, на почетокот на училишната година, МОН не обезбедило 43 учебници, односно недостигаа 34 отсто учебници.

„МОН го повреди правото на еднаков пристап до квалитетно образование на поголема група ученици од основното образование, извршена со необезбедување учебници по секој предмет и на сите јазици на кои се изведува наставата во задолжителното деветгодишно образование“, наведе тогаш КСЗД во соопштението. (Мета)