Се бара казна затвор од 12 години за таткото на малолетниот убиец во Белград
Пет месеци по масовното убиство во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград Вишото јавно обвинителство поднесе обвинение против таткото на малолетното момче Коста Кецмановиќ кој на трети мај уби девет соученици и чуварот на училиштето.
Во обвинението напишано на 267 страници oбвинителството бара казна од 12 години за таткото на Kоста, две години и шест месеци за неговата мајка која се товари за неовластено поседување муниција. Нејзината ДНК била пронајдена на една чаура најдена во кабинетот. Во Палатата на правдата во Белград денеска имаше вонредно обраќање на главниот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство, Ненад Стефановиќ кој изнесе повеќе детали за текот на постапката.
„ Владимир Кецмановиќ татко на момчето е обвинет за тешко кривично дело против општата безбедност. Постои основано сомнение дека една година пред убиството го тренирал својот син да ракува со оружје и муниција и да пука со силуети луѓе како цели, како да стои и како да дише при употреба на оружје. Истрагата утврдила дека тој чувал оружје во пластични кутии за транспорт, наместо во сефот кој бил закачен на ѕидот во плакарот во ходникот – изјави Стефановиќ.
Во случајот што ја потресе Србија, покрај родителите на момчето убиец за лажно сведочење се обвинети и сопственикот на стрелиштето и вработен во стрелиштето за кои се бараат три години затвор. Во меѓувреме Коста Кечмановиќ, момчето-убиец, почна настава преку Интернет од посебна просторија на Клиниката за неврологија и психијатрија на деца и млади. Засега не е завршено вештачењето за неговата здравствена состојба откако уби девет соученици и училишен чувар.