Се бара карта повеќе за концертот на виртуозот на виолина Стефан Миленковиќ и „Профундис“


По пет години, „чудото од дете на виолина“ Стефан Миленковиќ повторно се враќа со концерт во Скопје, со тешка програма ( П. И. Чајковски, Н. Паганини, К. Сен-Санс, Ж. Масне, А. Бацини и П. Сарасате), прв пат со камерниот оркестар „Профундис“, препознатлив по спектакуларните гости и изведба, утревечер во Филхармонија.

Со концертот, главниот град повторно е на мапата на регионалните центри со врвна класична музика, а  ова музичко доживување ветува вечер  исполнета со врвна уметност и незаборавни емоции, донесени од еден од најистакнатите виолинисти на нашето време.

На денешната прес-конференција, Миленковиќ потенцираше дека со нетрпение чека пак да свири во Скопје (по Филхармонија и на Охридско лето) , град кој има прекрасна публика и каде има многу пријатели. 

„ Не секогаш ниие изведувачите ја бираме програмата, ама утревечер,во Филхармонија, тоа ќе биде величенствена класична музика на композитори кои го одбележаа минатиот век, а соработката со музичарите на „Профундис“, под дирегентската палка на маестра Ѓурѓица Дашиќ , воедно и уметнички раководител на  „Профундис “е одлична,  зашто моето свирење се вклопува со уметничките стандарди на камерниот оркестар, рече денес српскиот виолинист од светски ранг, кој по долги години ангажман во Чикаго, САД, сега со работата и семејството е стациониран во Нови Сад.

Јане Бакевски од камерниот оркестар „Профундис“ на прес-конференцијата се заблагодари на публиката и на спонзорите за нивната несебична поддршка која е од огромно значење за поддршката на културата.

-Публиката е нашата инспирација, а поддршката од спонзорите значи живот за овој камерен оркестар и нови концерти, во поголема форма и со поголеми дострели, истакна Бакевски.

Миленковиќ (47) е еден од најпочитуваните виолинисти на својата генерација, со долга и успешна кариера како солист и виртуозен виолинист. Неговите настапи ги красат сцените на најпрестижните концертни сали низ светот, а неговата изведба е позната по својата длабочина, прецизност и неверојатна техничка подготвеност. Во својата кариера, тој е добитник на бројни награди и признанија, а во Србија ги носи титулите за „Уметник на векот“, „Најхумана личност“, „Личност на годината“ и е еден од најпознатите српски уметници кој гради кариера на сцените во светот.

Миленковиќ со својата кариера започнал на само шест години, одржувајќи повеќе од 1,000 концерти пред да наполни 16 години. На само 10 години настапува пред претседателот на САД Роналд Реган на Божиќниот концерт во Белата куќа, следната година свири за Михаил Горбачов во Белград, а на 14 години настапува пред папата Јован Павле II. На 16 години го свири својот 1000 концерт во Монтереј, Мексико, а на 17 годишна возраст веќе има победено на голем број натпревари за млади виолинисти.

Во „Профундис“ , етаблиран кај нас и во регионот со оригиналноста на сите концертни изведувања,  членуваат едни од најистакнатите македонски инструменталисти што се дел од двата професионални оркестри во РСМ, Националната опера и балет и Националната филхармонија.

Влезниците за концертниот спектакл се достапни преку интернет платформата и продажната мрежа на МК ТИКЕТС. (Л.С.)