СДСМ: Ахмети да излезе од националистичкиот филм
Претседателот на ДУИ, Али Ахмети треба конечно да излезе од националистичкиот филм. Неговата реториката за постојаното подгревање на етнички тензии како алатка за политичко делување се неприфатливи и опасни за земјата. Таквите политики и филмови со воени униформи се несоодветни провокации за кои нема место во нашето мултиетничко општество, порачаа денес од СДСМ реагирајќи на видеото на Али Ахмети со воена сценографија и на критиките утрово од оваа партија дека СДСМ станала „албанофобна“ како ВМРО-ДПМНЕ.
„За СДСМ се неприфатливи намерните етнички провокации на ДУИ кои прераснаа во единствена стратегија на партијата. ДУИ да не заборава дека Албанците во оваа држава сакаат мир, стабилност и добри меѓуетнички односи. Кога ДУИ го обвинува СДСМ за албанофобија да не заборава дека во Извршниот одбор на СДСМ има Албанци и значителен број на Албанци гласаат за нашата партија.
Тоа е така заради тоа што СДСМ е единствената партија која вистински се залага за соживот и добри односи меѓу етничките заедници. СДСМ докажала и покажала дека е единствена партија која ги бранела правата на помалите етнички заедници секогаш кога биле загрозени. СДСМ има фобија од националисти и популисти и на таквите секогаш ќе реагираме. Со своето делување Ахмети и ДУИ му овозможуваат на ВМРО-ДПМНЕ дополнително да ја подгрева меѓуетничката ситуација во земјата и политички да профитира. Индиректно, ДУИ е таа која со своето однесување креира албанофобија.
Иако ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ јавно се осудуваат меѓу себе, нивната неформална соработка е повеќе од очигледна. Граѓаните видоа заеднички гласања во Собранието, а врв беше скандалозно пуштање на Артан Груби надвор од земјата, слободно преку границата“, обвинија од СДСМ.
ДУИ реагираше на изјавата на Венко Филипче во интервјуто за „Независен“ во кое рече дека „СДСМ никогаш повеќе нема да дозволи да биде ставен во истата рамка или да биде подреден на која било партија, особено не на ДУИ. Коруптивната стигма која со години ја носи оваа партија е нешто од што јасно и недвосмислено се дистанцираме“.
Итегративците мислат дека оваа изјава на лидерот на СДСМ е поттик за албанофобија.
„Во очаен обид за политички опстанок, СДСМ одлучи да јава на бранот на албанофобијата, следејќи го патот на ВМРО – ДПМНЕ. Наместо да се соочи со сопствената криза и да ја преземе одговорноста за својот тежок пораз, тој бара спас со тоа што им сервира на Македонците лажен непријател – Албанците. Но вистината е едноставна: Македонците не ја мразат ДУИ поради некаква измислена корупција – тие ја мразат затоа што ДУИ ги зајакна Албанците и ја смени старата рамнотежа на моќта .
Албанофобијата не е спонтано чувство на Македонците – таа е политички проект, поттикнат и финансиран од странски интереси за Северна Македонија да остане заробена во конфликт и несигурност“, вели ДУИ во денешното соопштение.