СДСМ: Законот за бранители не ги подгрева меѓуетничките тензии


Фото: Б. Грданоски

 

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче заедно со останатите пратеници од неговата партија и коалицијата денеска порачаа дека Законот за бранители е со цел да се излезе во пресрет на реалните потреби на луѓето. Потенцира дека сѐ што може да направат во интерес на граѓаните, ќе продолжат да го прават.

„Воопшто нема димензија на некоја меѓуетничка поделба или подгревање на меѓуетнички тензии“, рече Филипче на прес-конференција во Собранието.

Челникот на СДСМ вели дека се подготвени да разговараат за сите аспекти на законот.

„Можеме да отвориме дебата на парламентарната комисија, меѓу парламентарните групи и да видиме дали треба некој дополнителен чекор, да се задоволат и некоја друга категорија на граѓани. Стоиме на тоа да ги задоволиме потребите на граѓаните“, дециден е Филипче, додавајќи дека ги почитуваат реакциите.

Според него, пратеничката група на СДСМ била присутна во собраниската сала и ги демантира тврдењата на премиерот Христијан Мицкоски дека излегле кога требало да се гласа дневниот ред на седницата, на кој што се требало да се стави и предлог-законот за бранители.