Изјавите на премиерот христијан Мицкоски, во кои тврди дека цените се намалени, дека инфлацијата е намалена и дека сме биле први во Европа, се во целосна спротивност со секојдневната реалност на македонските граѓани, реагираа денес СДСМ на фалбите на премиерот во интервјуто за „Евроњуз“ од коа произлегува дека ние преживуваме економски бум и цените речиси не растат во државата.
„Очигледно Мицкоски живее надвор од реалноста. Додека зборува за „економски успеси“, граѓаните се соочуваат со постојано зголемување на цените на основните производи, платите стагнираат, а стандардот опаѓа. Тоа е реалноста во Македонија. Поскапувањата од една страна и стагнирањето на платите од друга страна го отежнува животот на граѓаните кои се принудени да се откажат од основни потреби за да го преживеат месецот. Според проекциите на Светска банка, Македонија ќе биде на дното во регионот по економски раст, со проектирани само 2,7% раст на БДП оваа година. Ако се пресмета инфлацијата од 3%, раст воопшто нема, односно економијата е во целосна стагнација.
Наместо да се фокусира на веселени математики кои не ја одразуваат вистинската состојба, премиерот треба да се посвети на решавање на економските проблеми кои ги мачат граѓаните.
Политиките на Мицкоски досега не донесоа подобрување на животниот стандард. Напротив, економската несигурност и социјалната неправда се зголемија“, реагираат од СДСМ.
Мицкоски во неговото интервју за „Еуроњуз“ се осврна и на економската состојба во Македонија и животниот стандард на македонските граѓани.
„Граѓаните живеат тешко, како и сите во регионот, но она коешто е разлика од пред една година е тоа што се враќа конечно надежта дека можело да не биде“, рече премиерот Мицкоски и дополни:
„Параметрите кои се постигнати оваа година се многу јасни. 2024 година милијарда двесте педесет и пет милиони евра странски директни инвестиции. Македонија е земја со најголем број странски инвестиции по глава на жител во Европа. Инфлација март месец 2,7% на годишно ниво, на месечно ниво 1,3%, значи дефлација. Дури и потрошувачката кошничка којашто ја пресметува синдикатот има намалување на цените во споредба со претходната година. Април месец 2,6%, а на месечно ниво 0,6%. Платите пак растат од 9 до 10% на годишно ниво. За економијата и БДП Светска банка ни предвидуваше 1,8%, а ние во 2024 година имавме 2,8%, поради силниот раст над 3% во третиот и четвртиот квартал во 2024 година. Во првиот квартал од 2025 очекувам до 4%, а може и над 4%. Тоа се бројки, а јас сум математичар и сакам да зборувам за бројки, а бројките се рефлектираат на пракса.“