СДСМ за ограничување на маржите: ВМРО-ДПМНЕ донесе мерки кои во опозиција ги критикуваше


Опозициската СДСМ денеска реагираше на најавената мерка на Владата за ограничување на маржите на основните прехранбени и непрехранбени производи, оценувајќи дека под притисок на јавноста донесе мерки кои како прв опозиционер жестоко ги критикуваше.

„Со носење на мерки за замрзнување на маржите, Мицкоски конечно реши да ги признае сите економски политики и мерки на СДСМ за зауздување на цените“, велат од СДСМ, при што се додава дека „за жал, се ова е многу доцна и милиони евра веќе се буквално украдени од граѓаните“. 

СДСМ потсетува дека ВМРО-ДПМНЕ на 10.3.2022 година пишуваше: „Мерките на Владата, како замрзнување на цените и ограничување на трговските маржи – не даваат ефект затоа што не нудат целосен одговор на состојбата“. 

Од опозициската партија додаваат дека со месеци апелираат и нудат решенија.

„За жал и оваа мерка која Мицкоски ја ископира од СДСМ е парцијална и нема да даде целосно резултат. Ако се земе предвид дека платите не растат, дека цените веќе се дозволи да се качат превисоко ова нема да биде ниту благо санирање на огрмните штети по семејните буџети на македонските семејства“, се вели во соопштението до медиумите.