СДСМ: Во обезбедувањето на Мицкоски се најголемите криминалци во државата


Дали Христијан Мицкоски е лично вклучен и ги диригира криминалните процеси во земјата – прашуваат од опозицискиот СДСМ откако вчера беше приведен полициски службеник, член на обезбедувањето на премиерот, поради оддавање службена тајна. Обвинија оти обезбедувањето на Мицкоски е составено од најголемите криминалци во државата кои, како што велат, тој лично ги одбрал на овие позиции.

Партијата изрази сомнеж за координација меѓу најблиските луѓе на премиерот и криминалното подземје и оттука прашува дали неговото обезбедување работело самоволно или било испратено да пренесе информации бидејќи тој, како што додаваат, согласно своите надлежности, нема пристап до доверливи податоци.

„Пред само неколку месеци, шефот на неговото обезбедување претепа полициски службеници и спречи полициска акција за сузбивање на дрога – настан што и тогаш МВР се обидуваше да го прикрие. Вчера, неговиот личен избор за обезбедување, Ангел Самараков, беше фатен како оддава службени тајни на лица од Грчец. МВР цел ден се обидуваше да го скрие скандалот, но под притисок на медиумите кои ја дознаа вистината, беше принудено да излезе со информација во јавноста. Ова ли се луѓето што ќе го ‘ресетираат’ системот?“- велат од СДСМ.

Ангел Сарамаков ов Велес, полицаец и човек од обезбедувањето на премиерот бил уапсен на паркинг пред хотел во Велес. Во возилото  пронајден е ранец со службени материјали од МВР а со дополнителни претреси на повеќе локации, пронајдени се и одземени електронски уреди, службени документи и други предмети релевантни за истрагата.Ќе му биде поднесена кривична пријава за делото „оддавање службена тајна“. Се тврди дека Сарамаков со службените тајни тргувал со лица од кланот Грчец. Повеќе пати бил пријавуван кај внатрешната контрола, бил деградиран, а лично се жалел и во Државната комисија за спречување дискриминација. До април 2024 при СВР Велес тој работел како виш инспектор по имотни деликти, а од април како инспектор за увиди во крим техника.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак апсењето на членот на обезбедувањето на Мицкоски го оценија како знак дека нема селективен пристап кон криминалот. 

„Разбираме дека по се што и направија на Македонија, тешко е СДС  да ја сфати борбата против криминалот. Но, нема милост за криминогените, дали бил член на СДС, член на ВМРО-ДПМНЕ или обезбедување на премиерот. Законот за сите подеднакво ќе важи. Кога последен пат бил уапсен член на обезбедување на премиер? А ќе потсетиме дека Заев и СДС го имаа “Сашо ќе пукам“, потоа премиерски телохранител со потекло од струмичко, со по неколку пријави за тешко насилство, кои поминуваа нечепнати, ниту одговараа пред законот.

Наместо да ја поздрават акцијата на МВР, да научат како државата мора да ги победува тие кои ја злоупотребуваат, СДС како дете на кое ништо не може да му се погоди само реагираат колку да кажат нешто, а во недостаток на автентична политика и конкретни и реални решенија.

На СДС не му сметаше тоа што ДУИ владееше со улиците во Скопје и што заедно со мафијашките кланови, кои сега се зад решетки, хараа и уништуваа животи низ главниот град преку рекети, дрога, убиства, лихва. Тогаш СДС молчеше и соработуваше со нив, но сега им смета тоа што се апсат сите кои несовесно се однесуваат со службата. Вакво лицемерите ниту имало ниту ќе има“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.