СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ го оспорува македонскиот јазик

СДСМ смета дека предлогот за заедничка резолуција со Бугарија за македонскиот јазик и идентитет е штетен и дека претставува нов удар врз македонските позиции од ВМРО-ДПМНЕ за свесно враќање наназад.
-Клучното прашање е зошто власта отвора прашања кои веќе се затворени, кога македонскиот јазик и идентитет се неспорни, потврдени и признаени во светот и Европа. Овој потег ѝ дава дополнителен маневарски простор на бугарската страна за нови условувања. ВМРО-ДПМНЕ нема никакво влијание во Европскиот парламент ниту сојузници, што се потврди и со гласањето за извештајот. Ваквата резолуција би значела нов пораз во ЕП. Штетни и исклучиво за тесно политички интереси се овие непромислени политики на ВМРО-ДПМНЕ со кои самите го оспоруваат она што веќе никој не го оспорува.
Прашањето е дали ВМРО-ДПМНЕ свесно сака да ја втурне државата до пораз за потребите на своја кампања? Дали ова не е уште едно договорено сценарио со дел од ним блиски бугарски европратеници за креирање повторно страв за македонскиот јазик и идентитет? Штетите кои се прават со овие политики ќе бидат трајни, реагираат од СДСМ.