СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ ги блокираше еколошките проекти, сега ќе ги спроведува

Со замената на начинот на греење во училиштата и јавните објекти биле заштедиле 391.446 еврa - само во една година


СДСМ реагираше на обвинувањата на владеечката партија дека тие и ДУИ се одговорни што деновиве во Скопје има големо загадување. Според нив, ВМРО -ДПМНЕ не прави ништо за загадениот воздух, а се фали со централата што беше стратешката инвестиција на СДСМ.

„СДСМ водеше сметка за сите аспекти за државата и во секоја смисла, и во дел на економија и во дел на екологијата.Од друга страна ДПМНЕ 7 години ги блокираше сите процеси значајни за државата, за економијата, се што обезбедуваше животот на граѓаните да биде подобар и поквалитетен го блокираа. Па дури и еколошките проекти на СДСМ со кои денеска се фалат.Со мерките на СДСМ и Планот за чист воздух, којшто патем е прв стратешки документ на некоја влада досега во борбата со аерозагадувањето, посочен и во Извештај на Европска комисија.Планот опфаќа промена на нееколошкиот начин на загревање на градинки, училишта, јавни објекти со што се обезбеди годишно намалување на штетните честички ПМ 2.5 во воздухот за -564kg, намалување на честичките МП 10 за -735kg годишно, а се заштедија и 391.446 еврa само во една година за затоплување.

Во мандатот на СДСМ започнаа сите стратешки инвестиции во гасификацијата, како и когенеративната центала со која ДПМНЕ денеска се фали.Борбата со загадувањето е процес, но ДПМНЕ не прави ниишто за тоа.Политиките се гледаат во буџетот. Нема во Буџетот 2025 пари за борба против загадувањето.

Кога беше во опозиција Христијан Мицкоски ветуваше дека иднината Влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе инвестира 1 милијарда евра инвестиции за граѓаните да дишат чист воздух и намалување на загадувањето за 50%.Во програмата на ДПМНЕ со којашто ја доби довербата од граѓаните стои дека меѓу приоритетите ќе им биде обезбедување на чист воздух за сите. Се покажа дека и овие ветувањата на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се една голема лага. Нема ниту една милијарда евра инвестиции за чист воздух, ниту пак власта прави нешто против загадувањето“, порачаа од СДСМ.

СДСМ исто така нагласи дека во најновиот буџет предложен од Владата, за кој денеска започна расправата во Собранието по комисии, не се предвидени средства за модернизација на енергетските капацитети, ниту за нови инвестиции во енергетската ефикасност.

„Според најавите на премиерот Мицкоски, во план беше изградба на гасна когенеративна централа која требаше да помогне во намалување на загадувањето, но таков проект не е финансиски поддржан. Дополнително, средствата за гасификација се преполовени, а за енергетска трансформација, исто така, не е предвиден никаков фонд. Средствата за развој на енергетиката се намалени од 406.331 денари на 243.100 денари. Паралелно, Министерството за животна средина издвојува повеќе пари за нови вработувања, но на штета на критичните програми за заштита на животната средина. Тие средства се намалени од 611.387 на 442.065 денари, што е драстично кратење од 27,7%. Особено загрижува и намалувањето на средствата за програмите за квалитет на воздухот, кои опаѓаат за цели 51%, односно од 46.415 на 22.771 денари. На почетокот на мандатот, претходната влада на СДСМ изработи план за чист воздух поддржан од Европската комисија, со акционен план и алоцирани средства од 1,5 милиони евра. Ова скратување на буџетот од новата Влада го отвора прашањето: дали Владата навистина ги става на приоритет борбата против загадувањето и унапредувањето на енергетската ефикасност, или само останува на зборови?„- прашаа од СДСМ.

Во прилог на соопштението на СДСМ се и објавените табели со загадувањето во годините кога беше на власт.

Откако утрото прати шупливо соопштение во кое освен перефрлање на вината на СДСМ за загадувањето немаше ни една мерка, ВМРО-ДПМНЕ се јави повторно. овојпат најавија дека ќе се воведат строги ограничувања за најштетните извори на енергија и ќе се контролираат најголемите индустриски загадувачи, дека обезбеди субвенции за граѓаните и фирмите кои ќе користат чисти енергетски решенија и ќе започне програма за масовно пошумување и засилено чистење на јавните простори. Овие мерки покрај забрзаната гасификација која ја најави премиерот и когенеративната централа, ќе значат намалување на загаденоста на воздухот на среден рок и ќе обезбедат почиста животна средина.