СДСМ вели обновата на патот Охрид- Свети Наум почна во 2023, ВМРО-ДПМНЕ одговара дека тој е на македонските граѓани


 

Проектот за реконструкција на патниот правец во охридскиот регион е започнат од СДСМ уште во август 2023 година, како дел од сеопфатниот план на владата предводена од СДСМ за раст и развој на регионот, унапредување на туризмот и подобрување на патната инфраструктура кон граничните премини со соседните земји, тврди опозициската партија по денешното пуштање на патот Охрид – Свети Наум од висока владина делегација.

Средствата за овој проект, во вредност од 11,7 милиони евра, беа обезбедени од буџетот на ЈП за државни патишта и тој беше планиран, одобрен и започнат од претходната влада на СДСМ со реализација од околу 50 отсто, велат од СДСМ.

Во соопштението на партијата се додава дека „до летната сезона во 2024 година комплетно се заврши реконструкцијата на патот од Свети Наум до пред селото Пештани и заради туристичката сезона имаше мал прекин на работите.

Претходно, во 2019 година беше започната и завршена реконструкција на патот од бензиската Билјанини извори до с. Коњско. 

Дополнително и цела Туристичка како главна магистрална трансверзала во градот  во должина од 5,6 км по 60 години беше реконструирана исто така од страна на СДСМ. 

Токму во време на СДСМ беа рехабилитирани и обновени и патните правци кон граничните премини Блаце, Деве Баир, Ќафасан и Меџитлија.

Ја поздравуваме довршувањето на проектот, но до кога власта ќе се кити со проекти на СДСМ?“

На ова соопштение одговорија од ВМРО-ДПМНЕ со свое соопштение во кое велат дека проектите кои се реализираат не се на ВМРО-ДПМНЕ или на СДС, туку на македонските граѓани. „СДС мора да почне да се однесува како сериозна партија, а не како мало дете на кое му ја земале играчката.

СДС мора да прифати дека проектите кои се реализираат, не се во нивна или наша сопственост, туку за граѓаните и за државата.

Исто така, многу е важно да се напомене дека проектите кои се почнуваат мораат и да се завршат. Е сега, разликата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДС е во тоа што ние кога работиме и остваруваме, се е во временски рок, јавно и транспарентно, а додека пак СДС, ако отпочне некаков проект, тој проект потоа е корумпиран, со тендери договорени во четири очи, поскапи цени двојно од набавните, класифицирани договори или пак, проекти кои остануваат така да блеат во празно, и никој за ништо да не одговара.

ВМРО-ДПМНЕ вистински работи на реализација на проектите, без разлика која Влада ги започнала и ги решава на брз и ефективен начин во интерес на граѓаните“, вели во соопштението владејачката партија.