СДСМ тврди: Стравот од декласификација ја исплаши власта, намерно ја утнаа процедурата


Стравот од декласификација ја исплаши власта, ја утнаа процедурата за да има намерно одлагање на седницата на собраниската Комисија за надзор на АНБ, се вели во соопштението од СДСМ.

„Намерата на власта не е вистината, туку манипулациите, лагите и злоупотребите на институциите. Власт што не може да организира едно редовно заседание на комисија по закон и по процедура, не може да обезбеди ниту функционален систем на безбедност и заштита на јавниот интерес. Наместо да се препелка со процедури и одлагања, власта веднаш да ги декласифицира документите за случајот АНБ.Да види јавноста дали Мицкоски се плаши од декласификација на овие документи затоа што ќе ги потврдат индициите за милионски криминал токму на ВМРО-ДПМНЕ?“, соопштуваат СДСМ.

Како што утрово известија собраниските служби, одложена е Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање во врска со актуелните сомнежи за незаконско прислушување од Агенцијата за национална безбедност (АНБ), кое се вршело во периодот од 2019 до 2024 година. Од собраниските служби нема образложение за одложувањето на седницата.