СДСМ: Тошковски го претвора МВР во партиска милиција на ВМРО-ДПМНЕ


Опозициската СДСМ денес на прес конференција го оцени како скандалозен предлог-законот за полиција кој што е во собраниска процедура, обвинувајќи го министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, дека на овој начин МВР се претвора во партиска милиција на ВМРО-ДПМНЕ. Како што изјави портпаролката на партијата, Богданка Кузевска, ова е уште еден од низата опасни и антидржавни потези на министерот Панче Тошковски и дека се спроведува целосна партизација на полицијата преку рушење на кариерниот систем. На овој начин, според СДСМ ќе се направи преку рушење на кариерниот и професионалниот систем на Министерството за внатрешни работи.

Кузевска на прес конференцијата ги наведе клучните точки кои, како што оцени,  ја загрозуваат безбедноста и професионалноста. Овој дел на реакцијата на предлог законот ја пренесуваме интегрално:

1. Намалување на критериумите за образование и искуство:

Безочно се симнуваат критериумите за потребното образование и се намалува бараното искуство за највисоките оперативни позиции во МВР. Со ова ќе може да се инсталираат исклучиво партиски лојалисти, без адекватно образование и кредибилно искуство. Доколку ова се случи, безбедноста на граѓаните е сериозно доведена во прашање. Наместо Тошковски да биде чувар на редот, тој злонамерно го руши безбедносниот систем, окупирајќи клучна институција на државниот суверенитет.

2. Бришење на условите за раководни функции:

Тошковски ги брише условите за минимум 6 години искуство и 4 години раководна функција за началници на СВР. Своеволно да поставува било кого на овие клучни позиции. Додека полицајци со децении ризикуваат животи, работат прекувремено и се доусовршуваат, новите „шефови“ ќе влегуваат на задна врата за партиски да го окупираат МВР, претворајќи го во партиска милиција или приватна пара-полиција.

3. Укинување на Регионалните центри за гранични работи:

Панче Тошковски предлага укинување и на Регионалните центри за гранични работи, што е директен удар по суверенитетот и безбедноста на границите. Наместо да ја јакне граничната контрола, Тошковски ја урива. Дали ова е подготовка за прием на мигранти?

4. Бришење податоци од полициски евиденции:

Замислете, Тошковски сака да брише податоци од полициските евиденции, наместо тие трајно да останат архивирани. Ова е дрска правна заврзлама која има за цел да ги скрие сите траги од злоупотреби и криминал.

5. Подигање на старосната граница за вработување:

Панче Тошковски ја подига старосната граница за вработување во полицијата на 30 години. Со ова се елиминираат младите професионалци и се отвора простор за вдомување на партиски кадри кои не ги исполнуваат критериумите.

6. Најскандалозно: Бришење на член 19 – амнестија за осудени лица:

Најскандалозен е предлогот за бришење на член 19, со кој Тошковски сака да овозможи во полицијата да останат лица кои се осудени и кои имаат забрани за работа, а притоа да бидат амнестирани од одговорност по одлука на министерот. Министерот Панче Тошковски има расипана намера своеволно да ги амнестира сите прекршители на внатрешните правила и процедури. Наместо да ги штити граѓаните, Панче се ставил во функција на легализација на беззаконието и заштита на криминалот.

Од друга страна со предложените измени му се овозможува на Тошковски секој што и на криво ќе го погледне да биде лишен од слобода, оценуваат од СДСМ, од кјаде што сметаат дека ова не се случајни измени туку „опасен план за рушење на безбедносниот систем и суверенитетот на државата, и претворање на полицијата во партиска парамилиција на ВМРО-ДПМНЕ, која ќе служи за политички прогон и заштита на криминалот“.

СДСМ бара веднаш и итно да се повлечат сите спорни измени, изјави портпаролката Кузевска.