СДСМ: Стратегијата на ВМРО-ДПМНЕ е напаѓај, лажи, оцрнувај – само да не покачиш плата

Опозициската СДСМ во соопштение до медиумите ја обвинува владејачката ВМРО-ДПМНЕ дека нема пари за работниците, но има пари за себе и своите удобности.
„Нема пари за повисока минимална плата, но има пари за луксуз, папаја, манго, приватни авиони, тендери и привилегии. И кога треба да изберат – да ги зголемат платите или да ги полнат своите џебови – тие секогаш избираат да се богатат па затоа мора да лажат и да бараат виновник на друго место“, велат од СДСМ.
Од тамуи додаваат дека наместо чесно да објаснат зошто не сакаат да ја зголемат минималната плата, ВМРО-ДПМНЕ измислиле нова стратегија: да го оцрнат синдикатот и да го прогласат за „партиски“ на СДСМ.
„Наместо да понудат решение за работниците, избраа да водат валкана кампања против оние што се борат за нивните права. Сето тоа за да ја сокријат вистината – дека свесно ги оставаат работниците со срамно ниски плати, додека трошоците за живот секојдневно растат“, велат од СДСМ.
Владата, според СДСМ, не знае што значи да се преживува со 500 евра.
„Нивните функционери не знаат што е празен новчаник на 20-ти во месецот. Не знаат што е да се избира помеѓу храна, сметки и лекови. И затоа, кога работниците почнаа да бараат зголемување на минималната плата, ВМРО-ДПМНЕ реши да ги нападне синдикатите, да создаде хаос и да одвлекува внимание со измислени приказни за политички координации. Но вистината е јасна: единствената „координација“ тука е помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и елитата“, велат од СДСМ, додавајќи дека приоритет на власта не се работниците, туку газдите и елитата.
„Тие свесно одлучуваат да ги остават работниците со ниски примања, бидејќи знаат дека секое покачување на платите значи дека ќе мора да одвојат од сопствените луксузи“, се вели во соопштението на СДСМ.