СДСМ со подновено раководство до средината на јуни -дел од сменетите ќе се вратат
Само смената на Александар Кирацовски од генерален секретар на СДСМ и назначувањето на Љупчо Николовски на оваа позиција се дефинитивни по прексиноќешната одлука на Централниот одбор за распуштање на сите партиски органи, освен носителите на функции што ги избра конгресот. За две до три недели, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, најави пополнување на испразнетите места, за што како датуми се спомнуваат 9 или 16 јуни, кога би се одржала нова седница на ЦО или евентуално дотогаш би бил закажан постизборниот конгрес.
Неофицијалните проценки се дека, со оглед на тоа што станува збор за „колективна чистка“, а не за утврдување индивидуална одговорност, за дел од разрешените повторно ќе се најде место во партискиот врв – на истата или на некоја друга функција. Во тој контекст, првично се споменуваат имињата на досегашните потпретседатели Оливер Спасовски, Благој Бочварски и Мухамед Зекири, како и на разрешениот секретар за меѓународна соработка Дане Талески, за кои се проценува дека е мошне веројатно да влезат во новиот состав на Извршниот одбор. Членовите на ова тело ги назначува партискиот лидер од редот на членовите на Централниот одбор. Во тој дел се наведува дека Заев нема многу простор за да донесе нови лица во партискиот врв, со оглед на тоа што Централниот одбор веќе брои 117 членови, што е мошне голема бројка, така што нема веќе место за кооптирање на нови имиња. Исто така, прашање е дали Заев ќе именува шест потпретседатели на СДСМ, што е најголема бројка досега, или овој пат таа листа ќе биде покуса, со оглед на тоа што партијата има и заменик-претседател.
Со именувањето на Николовски за генерален секретар, проценките се дека Заев ги засилува своите позиции во партијата наспроти другите лоби-групи во СДСМ. Имено, Николовски се смета за човек од најтесното опкружување на Заев, кој претходно беше шеф на неговиот кабинет во СДСМ, така што сега ја напушта Владата за да ѝ се посвети практично на третата позиција во партиската хиерархија.
Според извори од ЦО, Заев, на седницата во неделата, во своето обраќање главно се држел до тезата дека, соочен со избор меѓу блиските сопартијци и граѓаните, тој е решен да го послуша гласот на граѓаните. Тој, наводно, како една од најслабите алки го посочил работењето на дел од локалните власти, посочувајќи дека има многу забелешки за дел од градоначалниците и дека на тој план треба посебно да се работи во наредниот период.
Големиот кадровски рез на „Бихаќска“ (претходно беа разрешени 78 претседатели и извршни одбори на општинските организации) во кругови на партијата се смета како фрлена ракавица за лидерот на ДУИ, Али Ахмети, дека неговата партија по ова не може да помине со козметички промени на нејзини функционери. Исто така, се проценува дека со колективното разрешување се избегнати потреси во партијата и судири меѓу различните струи, така што и дел од сменетите функционери го поздравија овој потег на партискиот лидер.
Спасовски, кој пред да стане министер за внатрешни работи, беше генерален секретар на СДСМ, изјави вчера дека на седницата на ЦО се донесени одлични одлуки. На прашање дали повторно ќе се кандидира за потпретседател, Спасовски истакна дека тоа е одлука на претседателот на партијата.
-Тоа воопшто не е важно. Важно е дека сите ние се согласивме дека мора да ја подобриме и да ја зајакнеме структурата на партијата. Ова ретко го прави партија што е на власт и што ги добила изборите. Ние веднаш по добивањето на претседателските избори, пристапивме кон анализа и кон подготовка за победа на следните парламентарни избори, изјави Спасовски.
Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, кој е претседател на Надзорниот одбор на СДСМ, исто така, вели дека има потполна доверба во одлуките на премиерот.
-Ние разговараме отворено за сите прашања, бидејќи станува збор за државни интереси, така што секоја одлука на премиерот ќе ја почитуваме – рече Сугарески.
(А.М.М.)